Според последниот неделен епидемиолошки извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 22 септември се евидентирани 70 случаи, од кои 65 се потврдени, а пет се водат како веројатни.
Најголем дел од случаите се во Скопје
Од вкупниот број, дури 63 заболени се од Скопје. Во Велес се регистрирани три случаи, додека по еден има во Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово.
Во последната анализирана недела, од 16 до 22 септември, биле пријавени уште пет нови случаи – три во Скопје и по еден во Велес и Тетово.
Речиси сите инфекции се сметаат за локално стекнати – 69 од 70 случаи се автохтони. Кај едно лице е евидентирано патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќал и престој во Македонија.
Најпогодени се лицата над 60 години
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од заболените се повозрасни лица. Дури 57 од 70 случаи, односно 81,4 отсто, се кај лица постари од 60 години.
Меѓу заболените има 52 мажи и 18 жени, а просечната возраст изнесува 66,5 години.
Девет смртни случаи годинава
Од почетокот на 2026 година се регистрирани и девет смртни случаи поврзани со западнонилска треска. Речиси сите починати имале и други придружни заболувања.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец, па заштитата од убоди останува важна и во овој период од годината додека комарците се активни.
При престој на отворено се препорачува користење средства против комарци, особено во периодите од денот кога нивната активност е најголема.
