Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во Македонија изнесува 48.381 денар, односно околу 787 евра. Со оваа сума, земјата се наоѓа зад Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Во јуни 2026 година, просечната нето-плата по вработен била повисока за 6,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година.
Најголем раст на просечната нето-плата на годишно ниво е забележан во секторот административни и помошни услужни дејности, каде што платите пораснале за 10,6 отсто. Следуваат земјоделството, шумарството и рибарството со раст од 8,1 отсто, како и секторот транспорт и складирање, каде што просечната плата се зголемила за 8 отсто.
Од друга страна, во однос на претходниот месец, намалување на просечната нето-плата е регистрирано во неколку сектори. Најголем пад има во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, каде што просечната плата е намалена за 9 отсто. Потоа следуваат уметноста, забавата и рекреацијата со пад од 6,2 отсто, како и снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што платите се намалиле за 5,9 отсто.
И покрај растот на просечната плата, Македонија и понатаму значително заостанува зад другите држави од поранешна Југославија.
За споредба, просечната месечна плата во Србија изнесува 1.008 евра, во Босна и Херцеговина 864 евра, во Црна Гора 1.036 евра, во Хрватска 1.555 евра, а во Словенија дури 1.723 евра.
Со просек од околу 787 евра месечно, македонските работници, и покрај континуираниот раст на платите, остануваат на дното на регионалната листа по висината на просечните примања.
