Нема веќе-Купи стан, издај и живеј мирно- Бизнисот со кириите падна за 47%
Актуелно

Нема веќе-Купи стан, издај и живеј мирно- Бизнисот со кириите падна за 47%

15. 05. 2026.

Она што до вчера се издаваше со неколку телефонски повици, денес знае да стои со недели, па и со месеци на оглас.

Пазарот на изнајмување станови очигледно влегува во нова фаза, а бројките покажуваат дека времето кога секој стан лесно наоѓаше закупец – полека завршува.

Според најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности, во првиот квартал од годинава, во споредба со последниот квартал лани, закупот на станови е намален за дури 47 проценти, додека вкупната месечна закупнина бележи пад од 40 проценти.

Во превод?
Помалку договори.
Помалку станари.
Помалку пари од кирија.

Сопствениците и понатаму бараат високи суми, но закупците веќе не носат одлуки преку ноќ.

Денес не се гледа само квадратурата и локацијата. Се прашува за греење, паркинг, лифт, интернет, мебел, состојба на зградата… и секако — дали цената навистина вреди.

Изминатите години многумина веруваа дека станот е најсигурна инвестиција: купи, издај, и приходот ќе си тече.

Но пазарот сега испраќа поинаква порака.

Гарсоњери со цени како апартмани, стар мебел претставен како „луксуз“, и кирија што на многумина им зема половина плата — очигледно почнуваат да ја губат битката со реалноста.

Особено во Скопје, станарите стануваат многу попребирливи. Стан без паркинг, со слабо греење или застарен ентериер веќе не се издава само затоа што е „на добра локација“.

Од друга страна, сопствениците сè уште не сакаат лесно да ја симнат цената. Дел веруваат дека ова е привремено, дел не сакаат да издадат „под цена“, дури и ако станот стои празен со месеци.

Но празен стан не носи приход. Носи трошоци.И токму тука се судираат очекувањата и реалноста.

До вчера сопствениците прашуваа:
„Кога можете да се вселите?“Денес закупците прашуваат:„Може ли малку пониско?“