Современите телефони, лаптоп компјутери, паметни часовници и електрични автомобили денес речиси исклучиво користат литиум-јонски батерии, но голем број корисници и понатаму се водат според правила што важеле пред повеќе од дваесет години за сосема поинакви типови батерии.
Многу митови за полнењето потекнуваат уште од времето на никел-кадмиумските батерии, кои имаа таканаречен „memory effect“, односно ефект на паметење на капацитетот. Токму поради тоа и денес постојат бројни совети кои речиси воопшто немаат смисла кога станува збор за модерните уреди.
Полнењето на батеријата денес функционира поинаку
Една од најчестите заблуди е дека новиот телефон задолжително мора првиот пат да се наполни до 100% пред да се користи. Тоа правило некогаш имало смисла кај старите Ni-Cd батерии, кои со текот на времето „памтеле“ делумни циклуси на полнење и губеле капацитет. Кај современите литиум-јонски батерии овој проблем практично не постои, бидејќи користат сосема поинаква хемиска структура.
лична е ситуацијата и со тврдењето дека телефонот треба целосно да се испразни пред повторно полнење. Во реалноста, длабокото празнење денес може дополнително да ја оптовари батеријата, бидејќи целосниот циклус на полнење се пресметува од 0 до 100 проценти. Поради тоа, повеќето производители советуваат батеријата да се одржува во опсег меѓу приближно 20 и 80 проценти, со цел да се намали трошењето во текот на годините користење.
Истовремено, полнењето до 100% само по себе не е опасно за батеријата, но проблемот настанува кога уредот со часови останува приклучен на полнач по завршувањето на полнењето. Тогаш доаѓа до таканаречениот „trickle charge“ режим, при што телефонот постојано ги надополнува малите загуби на енергија, што ја зголемува температурата и дополнително ги оптоварува ќелиите на батеријата.
Токму затоа модерните системи, како функцијата optimized charging кај iPhone уредите, се обидуваат последните 20% од батеријата да ги наполнат непосредно пред корисникот да стане.
Не мора да се користи само оригинален полнач
Уште еден многу распространет мит е дека телефонот смее да се полни исклучиво со оригиналниот полнач од производителот. Тоа не е целосно точно, но важно е да се користи квалитетен полнач со соодветен напон и поддршка за компатибилни стандарди за брзо полнење.
Лошите и непроверени полначи можат да претставуваат проблем, бидејќи погрешниот напон или неквалитетната електроника може да ја оштетат батеријата или да предизвикаат прегревање на уредот. Сепак, квалитетните полначи од реномирани производители главно функционираат без проблем, дури и кога не се од ист бренд како телефонот.
Денес најголеми непријатели на батериите всушност не се делумните циклуси на полнење, туку високата температура, постојаното прегревање и долготрајното држење на уредот на максимално ниво на наполнетост
Извор:konekt.mk
