Каков стан може да се изнајми во македонските градови со минимална плата?
Актуелно

Каков стан може да се изнајми во македонските градови со минимална плата?

15. 05. 2026.

Минималната плата во Македонија изнесува 26.046 денари и со неа во главниот град може да се плати кирија за двособен стан во населбите Аеродром, Кисела Вода или евентуално во Центар. Во Скопје изнајмувањето е поскапо, додека во внатрешноста на Македонија за таа сума има поголем избор.

„Нема кирија за 200 евра веќе во Скопје, а за 250 евра се наоѓа по нешто, но се работи за субстандардни услови“, велат од скопска агенција за недвижности.

Во Охрид на атрактивните локации кириите се скапи. 

„Може за 200 евра да се најде пристојно станче, гарсониера, но не во центар. Инаку, центарот е скап. Може и двособен стан да се изнајми за 400 евра, зависно од локацијата. Пресудна е локацијата во Охрид“, додаваат од агенцијата за недвижности, Чојс од Охрид.

Во Битола просечната кирија е околу 200 до 250 евра. 

„Има и повисоки и пониски цени. За 26.000 денари може да се изнајми нов, наместен стан, на подобра локацијата, со сопствен паркинг или гаража, со површина од 85 до 100 квадрати. Има многу голема разлика од модерно наместен стан и луксузен стан. За луксуз треба многу, многу повеќе. За луксузните станови кириите се движат и до 700 или 800 евра“, велат од агенцијата за недвижности, Центар марк од Битола.

За 26.000 денари во Штип може да се најде добар стан, со две спални и дневна соба.

„Околу 250 до 300 евра е некој просек за кириите во Штип. Другите градови во источна Македонија се поевтини“, велат од штипска агенција за недвижен имот.

Според огласите, во Куманово се издаваат станови од 58 квадрати за 250 евра, но подалеку од центарот. За 24.000 денари има трособни станови кои се нудат за издавање. Во Тетово се издаваат двособни или трособни станови за 250 до 350 евра.

Во Струмица за 26.000 денари може да се изнајми стан со 4 соби.

Инаку, минималната плата не покрива кирија во повеќе европски главни градови. Овие податоци неодамна ги објави Евростат. Најтешка е состојбата за работниците кои примаат минимална плата во Прага. Во чешката престолнина просечната кирија чини 1.710 евра, додека минималната плата е 924 евра. Тоа значи дека за двособен стан се потребни 185 проценти од минималната плата.

На второто место е Лисабон со 168 проценти. Во Португалија месечната бруто минимална плата изнесува 1.073 евра, додека просечната кирија во главниот град достигнува 1.710 евра.

 

Извор:faktor.mk