Сепак, од агенциите за недвижности нагласуваат дека ваквите реновирања треба да бидат во рамките на нормални трошоци, да не се оди во некои екстреми. За станови кои се многу стари, реновирањето пред продажба е неопходно.
„Генерално ако станот е во лоша состојба, треба да се реновира. Тоа што е во лоша состојба треба да се среди, за луѓето кои се потенцијални купувачи да добијат впечаток дека е нешто вредно. Тој што ќе го купи станот треба да го сака тоа што го имате направено. Значи може да се сменат врати, прозорци, инсталација, вода, струја. Тие работи се неминовни. Луѓето кај нас реновираат, но важна е локацијата, таа го продава станот, а новиот газда си реновира потоа. Порано луѓето повеќе реновираа, а сега поскапа е работната рака. Реновирањето помага, сликата е друга ако станот естетски изгледа убаво. Јас сум секогаш за некое оптимално реновирање, односно наменско реновирање, замена на подови, врати, тоа е важно. На идните купувачи не можете да им го смените вкусот, ако се работи за мебел, за нешто внатре, но основните работи може да се заменат“, објаснува Александар Трајкоски, од агенцијата за недвижности Енхелеја од Охрид.
Во огласите за недвижен имот, газдите често наведуваат дали просторот е реновиран и пред колку време.
„Зависи од инвестицијата, некогаш е подобро да се реновира затоа што станот добива подобра цена. Би се добила подобра цена ако внатре е инвестирано. Во зависност од тоа колку е среден, какви материјали се користени, што е направено, од тоа ќе зависи и цената. Реновираат луѓето, зависи, секој според можностите. Некогаш со едно мало вложување, многу повеќе добивате“, велат од агенција за недвижности од Кичево.
Битолчанец кој продал стан кажа дека направил мали промени и тоа помогнало за полесна продажба.
„Ги реновирав бањата и кујната и за брзо успеав да го продадам станот“, вели човекот.
Инаку, српските медиуми скоро пишуваа дека лошата боја на ѕидовите може да придонесе цената на станот да биде пониска и до 10.000 евра. Искуствата на агентите покажуваат дека потенцијалните купувачи донесуваат потсвесна одлука за стан веќе во првите неколку секунди по влегувањето.
