Некаде помеѓу Земјата и Месечината, во стерилната тишина на мисијата Artemis II, камерата забележа момент што ниту еден режисер не би можел да го испланира. Тегла Нутела, ослободена од гравитација, почна да лебди низ кабината. Полека, речиси филмски елегантно, се ротираше во просторот и како да е во договор со камерите, ја сврте етикетата директно кон објективот.
Случајност или маркетинг „мастермајнд“?
Интернетот, очекувано, „експлодираше“. Додека едни воодушевено го споделуваа видеото, други цинично ја подигнаа веѓата: „Најдобар product placement досега“, „Колку платиле за ова?“, „Генијално осмислено“. Да признаеме, тајмингот и кадарот имаат таква драматургија што е тешко да се поверува дека е чиста случајност.
Сепак, и покрај теориите на заговор, фактите (барем официјално) се многу поедноставни. Нема докази за платена кампања. Она што го гледаме најверојатно е само нуспроизвод од животот во вселената – визуелно совршен хаос во кој предметите што не се прицврстени стануваат дел од тивка, бестежинска кореографија. Овој пат, универзумот одлучил главната улога да ѝ ја додели на една тегла со лешници и какао.
Лекција за непланиран успех
Можеби токму во тоа е поентата. Најдобриот маркетинг денес не е оној каде јасно пишува „јас сум реклама“, туку оној што се случува спонтано. Автентичноста и моментот се единствените две работи што не можат да се купат – а тука се совпаднаа совршено.
Ако ова навистина не било договор, маркетинг тимот на Ferrero веројатно утрово отвора шампањ, затоа што добиле кампања вредна десетици милиони долари, а единствениот трошок им била тежината на една тегла во товарниот список на леталото.
Сепак, останува прашањето што кружи на социјалните мрежи – ако веќе не е реклама, како е можно да изгледа токму како најдобрата реклама досега?
Дали е можно Нутела да има подобар PR тим од цела NASA, или гравитацијата едноставно е голем љубител на слатки?
Можеби одговорот е едноставен – во ера во која сите очајнички се трудат да привлечат внимание, понекогаш е доволно само… да ја пуштиш теглата да одлета.
