Пред нас е празникот Велигден – додека едни планираат да останат дома и празникот да го поминат со најблиските, други веќе ги пакуваат куферите за слободните денови да ги поминат покрај море, објавува Женски магазин.
Но, воведувањето на новиот европски систем за влез, излез и патни одобренија ЕЕС, како што сведочат дел од граѓаните што минатиот викенд беа во Грција, во одредени делови од денот може да предизвика огромни гужви и да го одолговлече чекањето на граничните премини.
Така, една жена која планира најверојатно во следните денови да се упати кон Грција, на Фејсбук групата Grčka Info, постави прашање каква е состојбата на граничниот премин Евзони и колку време се чека за влез во Грција од Македонија.
Во одговорите, сведоштвата се најразлични. Едни тврдат дека состојбата е хаотична, односно со скенирањето на влез и на излез од земјата се создаваат огромни колони со автомобили, други тврдат дека поминале само за 5 минути.
„Денес поминавме, чекавме 5 минути, скенирањето оди многу брзо, буквално по 30 секунди од човек“ – стои во еден од коментарите.
Инаку, на истата група е објавено и едно видео, направено во саботата (04.04) на кое се гледаат огромни колони возила, кои чекале и по два часа на граничниот премин.
Причината за ваквото чекање е тоа што голем број Грци кои живеат и работат во западните земји тргнале кон татковината за да го прослават празникот.
„Зависи кога како во текот на денот. Тоа е граница. Некои преминуваат за 5 минути, а некои чекаат и по 30 минути. Генерално, скенирањето оди брзо, но ако има многу луѓе истовремено, тогаш пресметката е едноставна – има голме број луѓе.
Ова и не е идеален викенд да се оди за Грција. Голем број Грци од странство се враќаат да го дочекаат Велигден со роднините“ – стои во еден од коментарите.
Друга корисничка тврди дека чекала 2 часа за влез и 2 часа за излез од земјата, а како што вели, дополнително се создава метеж затоа што во иста колона чекаат и тие што се за скенирање и тие што не се.
„На лентите за автобуси нема поставено камери и скен апарат, па тие патници со пасоши во раце се туркаат и чекаат на обичните автомобилски ленти и уште кога ќе видиш дека од секој автомобил излегуваат по 4-5 лица и сите се сликаат по ред, а ти си сам во автомобил и си скениран уште во ноември, те фаќа бес… Ништо не сработиле Грците од ноември до сега, освен што го поскапеа горивото и патарините и ги засилија полициските контроли и казните. Само за пример, од Евзони до Парајлија (Катерини) во саботата имаше поставено полиција на 4 пункта. Лудило! Моја препорака е да не одите во Грција, ако не морате“ – вели друга следбеничка во групата.
Ваквите коментари разврзаа долга дискусија, а голем број од следбениците во групата се прашуваат што ќе се случува во летните месеци, кога голем број туристи од регионот ќе се упатат кон Грција на море.
