Имате 500.000 евра вишок? Можете да купите дел од Ајфеловата кула
Актуелно

Имате 500.000 евра вишок? Можете да купите дел од Ајфеловата кула

07. 04. 2026.

Заборавете на магнети за фрижидер и маици со натпис „Paris“. За оние со длабок џеб и вишок простор во дневната соба, на 21 мај се отвора можност што не се пропушта – аукција на оригинален дел од Ајфеловата кула.

Станува збор за автентичен сегмент од спиралното скалило кое некогаш ги поврзувало вториот и третиот кат на кулата – токму оној дел што водел до приватната канцеларија на Густав Ајфел.

Како скалилото заврши на аукција?
Кога кулата била изградена за Светската изложба во 1889 година, лифтовите биле иднината, а скалите сурова реалност. Дури во 1983 година, поради модернизација и поставување нови лифтови, познатото спирално скалило било отстрането. Било исечено на 24 дела: неколку завршиле во музеи (Orsay, La Villette), еден останал на првиот кат од кулата, додека остатокот бил продаден на аукции и расфрлан низ целиот свет – од Дизниленд до приватни колекции во Јапонија, пренесува Time Out.

Сега еден анонимен сопственик, кој својот дел од 2,6 метри го чувал цели четири децении, одлучил да се раздели од својот железен сувенир.

Цената? Од 50.000 евра па сè до 500.000
Аукциската куќа Artcurial проценува дека овој дел ќе достигне цена од најмалку 50.000 евра, но историјата нè учи дека колекционерите не прашуваат за цена кога станува збор за симбол на Франција.

Pariz, Francuska, Ajfelov toranj, turizam

На пример, во 2013 година сегмент со 19 скали бил продаден за повеќе од 212.000 евра. Рекордот е поставен во 2016 година, кога по жестока „војна на понуди“ сличен дел од кулата бил продаден за неверојатни 523.800 евра.

Зошто ова е бизнис вест?
Ваквите аукции ја покажуваат стабилноста на пазарот на историски меморабилии. За инвеститорите, ова не е само парче железо од 19 век, туку „asset“ чија вредност расте со секоја деценија. Да се поседува дел од најпосетуваната светска атракција е престиж што ги надминува класичните инвестиции во уметност или недвижности.

Значи, ако имате вишок половина милион евра и плафон повисок од три метри – запишете го 21 мај во календарот.