„Netflix“ во трка за купување на „Warner“ и „HBO Max“
Актуелно

„Netflix“ во трка за купување на „Warner“ и „HBO Max“

05. 12. 2025.

„Ворнер брос дискавери“ (Warner Bros. Discovery Inc.) почна ексклузивни преговори за продажба на своите филмски и телевизиски студија, како и на стриминг-сервисот „Ејч-би-о макс“ (HBO Max), на „Нетфликс“ (Netflix Inc.), велат добро упатени анонимни извори.

„Нетфликс“ нуди компензација од 5 милијарди долари доколку регулаторите не ја одобрат зделката, велат соговорниците. Двете компании би можеле да ја објават зделката во наредните денови, под услов преговорите да не пропаднат, додаваат тие.

Ваквиот потег покажува дека „Нетфликс“ се наметнува како водечки кандидат, оставајќи ги зад себе „Парамаунт скајденс“ (Paramount Skydance Corp.) и „Комкаст“ (Comcast Corp.), кои исто така се натпреваруваа за овој деловен пакет. Пред затворањето на продажбата, „Ворнер брос“,  чија вкупна вредност надминува 60 милијарди долари ќе ја финализира планираната поделба на кабелските канали, меѓу кои се Си-ен-ен (CNN), Ти-би-ес (TBS) и Ти-ен-ти (TNT).

Доколку зделката се реализира, таа ќе донесе длабоки промени во индустријата за забава, обединувајќи го доминантниот платен стриминг-сервис во светот со едно од најстарите и најпочитувани холивудски студија.

Аквизицијата претставува драматичен стратешки пресврт за „Нетфликс“, кој досега никогаш нема склучено зделка од ваков обем. Пионерот во стримингот ја изгради својата позиција како највредна холивудска компанија без сопствена библиотека на содржини или студио – прво преку лиценцирање програми од други продуценти, а потоа преку проширување во оригинална продукција. Претставниците на „Ворнер“ и на „Нетфликс“ не одговорија веднаш на барањата за коментар.

Со оваа купопродажба „Нетфликс“ станува сопственик на мрежата Ејч-би-о, заедно со нејзината библиотека хит-серии, меѓу кои се „Сопранови“ и „Белиот лотос“. „Ворнер брос“ располага и со огромни студија во Бурбанк (Burbank), Калифорнија, како и со обемна филмска и телевизиска архива што ги вклучува „Хари Потер“ и „Пријатели“.

Овој развој би претставувал удар за извршниот директор на „Парамаунт скајденс“ (Paramount Skydance Corp.), Дејвид Елисон, кој ја започна трката за купување на „Ворнер брос“ со повеќе понуди поднесени по негова иницијатива, уште пред да почне официјалниот процес на продажба.

„Ворнер брос“ формално се понуди на продажба во октомври, откако доби интерес од повеќе страни. „Комкаст“ исто така достави понуди.

Наддавањето стана напнато, при што „Парамаунт“ го обвини „Ворнер брос“ дека спроведува неправеден процес што го фаворизира „Нетфликс“. Во писмо од 3 декември, упатено од адвокатите за парнични постапки што го застапуваат „Парамаунт“, процесот на продажба беше опишан како „компромитиран“,  со тврдење дека „Ворнер брос“ ја водел постапката на начин што му оди во прилог на „Нетфликс“.

Во писмо од 1 декември до „Ворнер брос“, „Парамаунт“ тврдеше дека неговата понуда има поголеми шанси да добие одобрување од регулаторите низ светот.

Традиционалниот телевизиски бизнис се соочува со силно намалување, бидејќи гледачите преминуваат на стриминг – сегмент во кој „Нетфликс“ доминира. Во последниот квартал кабелските канали на „Ворнер брос“ забележаа пад на приходите од 23 отсто, бидејќи корисниците ги откажуваат претплатите, а компаниите што се рекламираат се насочуваат кон други платформи.

Извор: mk.bloombergadria.com