Праските 560 денари, шопската салата колку килограм месо
Актуелно

Праските 560 денари, шопската салата колку килограм месо

11. 05. 2026.

Цените на овошјето и на зеленчукот на зелените пазари и во маркетите одамна го пробија плафонот.

Граѓаните велат дека не само што се изненадени туку и исплашени од цените на дел од овошјето што се продава деновиве во маркетите. Според нив, ако останат цените на ова ниво, летово многумина ќе заборават на праските, кајсиите, сливите и на грозјето. Слична е состојбата и со зеленчукот, кој некогаш беше симбол на евтината и достапна трпеза. Денес, една шопска салата чини од 300 до 500 денари, односно колку килограм месо. Ниту земјоделците не се оптимисти. Тие предупредуваат дека причина за високите цени не се само скапите енергенси и ѓубрива туку и климатските промени. Доцните мразови годинава сериозно го погодија производството, па дел од овошјето летово ќе биде реткост на тезгите, а за многу граѓани и недостапно.

Во моментов, најголем дел од овошјето на пазарите е увезено, претежно од Турција, Грција и од Албанија, додека домашното производство е ограничено. Според земјоделците, токму овие увозни цени ќе бидат основа за формирање и на цените на домашните земјоделски производи, кои годинава ќе ги има во помали количини и по значително повисоки цени.

Така, деновиве, во маркетите нектарините и праските се продаваа по 560 денари за килограм, грозјето достигна 400 денари, крушите се 200 денари, калинките 229 денари, јагодите 230 денари, лимонот 165 денари, цитронот 115 денари, кивито 159 денари, а за килограм лубеница граѓаните плаќаат 105 денари. Граѓаните реагираат дека овошјето станува сè понедостапно, особено за семејствата со пониски приходи. Велат дека ги купуваат само најнеопходните производи и внимателно ги следат цените пред да одлучат што ќе стават во кошницата.

Зеленчукот одамна стана луксуз за граѓаните. Според цените истакнати во маркетите, црвените пиперки достигнуваат 355 денари за килограм, розовиот домат се продава по 230 денари, модриот патлиџан по 200 денари, брокулата чини 240 денари, а карфиолот 215 денари за килограм.

– Сè уште немаме домашно производство, сè е од увоз. Имаме минимално домашно производство на домати, но и тие се скапи и ја следат цената на увозните. Се согласувам дека се нереални овие цени и граѓаните не може да си ги дозволат. Точно е дека производствените цени се далеку пониски, но трговците ги формираат крајните цени и тука треба да се вклучат надлежните институции. Продажната цена треба да биде околу 40 отсто повисока од производствената, односно да содржи 30 отсто профит за производителите и 10 отсто маржа за трговците. Но, проблемот е што трговците пресметуваат далеку повисока маржа – вели Тони Максимов, член на Управниот одбор на Националната земјоделска мрежа.

Според него, за високите цени на земјоделските производи не се пресудни само цените на ѓубривата и на енергенсите туку и климатските промени, поради што се поставува прашањето дали воопшто ќе има домашно производство.

– Поради доцните мразови, модрите сливи во Берово целосно се уништени, слична е состојбата и со праските во Росоман, грозјето во Кавадаречко, оревите… Ова е сериозен проблем и доколку државата сака да го спаси и ова производство што го имаме, треба да најде решение во борбата против климатските промени, по примерот на земјите од регионот. Ние, како земјоделци, не можеме сами да се бориме, бидејќи тоа бара големи финансиски средства – додава Максимов.

И покрај официјалните тврдења за стабилизација на економските текови, граѓаните велат дека реалноста на терен покажува поинаква слика, особено кога станува збор за овошјето и зеленчукот. Тие посочуваат дека секојдневното пазарење станува сериозен товар, поради што сè почесто купуваат помали количини или ги одложуваат набавките сè додека не се намалат цените.

Трговците, пак, објаснуваат дека дел од производите се увезени, а врз цените влијаат и транспортните трошоци, инфлацијата и намаленото домашно производство.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека секојдневните економски предизвици за граѓаните се и негова лична грижа.

– Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот, дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа, тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа повторно да ја застанеме државата на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек – рече тој.

Поради тоа, граѓаните се надеваат дека наскоро ќе има мерки за стабилизација на цените, за кои беше најавено дека ќе се донесат по 1 мај.

Извор: vecer.press