Пари за неколку секунди, 24 часа на ден: Македонија подготвува систем за инстант-плаќања
Актуелно

Пари за неколку секунди, 24 часа на ден: Македонија подготвува систем за инстант-плаќања

17. 09. 2026.

Префрлањето пари од една на друга сметка во иднина би можело да се извршува за само неколку секунди, без разлика дали трансакцијата се прави во работен ден, навечер, за време на викенд или празник. Народната банка работи на воведување национална платформа за инстант-плаќања, базирана на европскиот систем ТИПС.

За новиот начин на плаќање говореше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување во централниот дневник на „Македонската телевизија“.

Пари на сметката веднаш, 365 дена во годината

Суштинската промена што треба да ја донесе ТИПС-клонот е брзината и постојаната достапност на трансакциите.

Наместо по завршувањето на работното време на банките да се чека следниот работен ден, а во одредени случаи и ден-два за средствата да пристигнат, со новиот систем трансферот треба да биде реализиран за неколку секунди.

Според Славески, плаќањата ќе бидат достапни 24 часа дневно, 365 дена во годината, а трошоците за нивното извршување треба да бидат релативно ниски.

Прво преку мобилно и електронско банкарство

Во почетната фаза граѓаните нема да мора да користат сосема нов начин на плаќање. Инстант-трансакциите се планира да бидат достапни преку веќе постојните канали за мобилно и електронско банкарство.

Тоа ќе овозможи парите да се префрлаат побрзо и без зависност од работното време на банките или од тоа кој ден во неделата е.

Во иднина – плаќање со QR-код и телефонски број

Развојот на системот отвора можност и за воведување дополнителни начини за плаќање.

Меѓу опциите што ги посочи гувернерот се плаќања на продажни места, користење QR-кодови, како и испраќање средства со користење мобилен телефонски број или електронска адреса.

Целта е дел од плаќањата да се поедностават и да се намали потребата од дополнителни посредници кои можат да ги зголемат трошоците.

Македонија добива пристап до европскиот систем уште пред членството во ЕУ

Проектот има и европска димензија. Северна Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан на кои им е понудена можност, уште пред членството во Европската Унија, да се поврзат со системот за инстант-плаќања на Европската централна банка.

Националниот ТИПС-клон е дел од пошироките активности за модернизирање на платната инфраструктура и обезбедување побрзи и подостапни платежни услуги за граѓаните и компаниите.

Околу 60% од прекуграничните плаќања во евра се преку СЕПА

Славески се осврна и на приклучувањето на земјата кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, кое, според неговата изјава, било реализирано на 7 октомври минатата година.

Во моментов, околу 60% од вкупните прекугранични плаќања во евра се извршуваат преку СЕПА.

Според гувернерот, интеграцијата веќе придонела за значително намалување на провизиите и останатите трошоци за трансфер на средства за граѓаните и компаниите.

Со воведувањето на инстант-плаќањата, следниот чекор е домашните трансакции да станат уште побрзи – парите да пристигнуваат практично веднаш, без чекање банката да започне со работа следниот ден.