Пензија сè подоцна: Во некои европски земји ќе се работи до 74 години
Актуелно

Пензија сè подоцна: Во некои европски земји ќе се работи до 74 години

06. 08. 2026.

Старосната граница за заминување во пензија во повеќето европски земји ќе продолжи да расте во наредните децении, а во некои држави граѓаните ќе работат и до 74-годишна возраст, покажуваат анализите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пренесува „Еуроњуз“.

Според проекциите, до крајот на 2060-тите просечната старосна граница во Европската Унија ќе се зголеми од 64,7 на 66,7 години кај мажите, односно од 64 на 66,6 години кај жените.

Највисока старосна граница се очекува во Данска, каде и мажите и жените би можеле да се пензионираат на 74 години. Во Естонија таа ќе достигне 71 година, додека во Италија, Холандија, Шведска и Кипар ќе изнесува 70 години.

Од друга страна, најниска старосна граница за мажите ќе имаат Словенија и Луксембург – 62 години, додека кај жените Полска ќе ја задржи границата од 60 години.

Извештајот наведува дека зголемувањето на старосната граница останува една од главните мерки за обезбедување финансиска одржливост на пензиските системи, во услови на забрзано стареење на населението.

Според ОЕЦД, до 2050 година на секои 100 лица на возраст од 20 до 64 години ќе има 52 лица постари од 65 години, наспроти 33 во 2025 година. Овој демографски тренд дополнително ќе врши притисок врз пензиските системи во Европа. 

 

Извор:skopje1.mk