Работникот со минималец добива само 17% од тоа што го создава во фирмата!
Актуелно

Работникот со минималец добива само 17% од тоа што го создава во фирмата!

23. 02. 2026.

Меѓународната организиација на трудот која го мери индикаторот Бруто домашен производ по одработен час во долари, пресметала дека македонскиот работник придонесува со 34 долари во одработениот час.

Тоа значи дека толкава е неговата продуктивниост која е вечната тема на работодавачите која станува збор зголемувањрто на платите. Само за споредба, светскиот просек на продуктивност изнесува нешто над 23 долари за час што покажува дека македонските работници се попродуктивни од просекот кој е на светско ниво.

Нето минималната плата во Македонија изнесува 24 379 денари месечно, а еден работник создава 297 024 денари месечно. Пресметката вели дека работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно се создава месечно.

„Како што укажуваше Сојузот на синдикатите на Македонија, газдите и функционерите ги држат работниците во сиромаштија, односно создадената вредност не се распределува пропорционално кон трудот, а уделот на платите во создадената вредност е релативно низок. Само 17% од создадената вредност одат во плата, а остатокот оди за профит, инвестиции, амортизација, даноци, трошоци на капитал и други расходи. Очигледно е дека намерата да се спречи растот на минималната плата не е до тоа колку биле или не биле продуктивни македонските работници, туку до тоа колку се богатат и владеат на работничкиот грб“, велат од ССМ.

Македонија има продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваа во спротивното. Кај дел од земјите во регионот се гледа дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока.

Овој извештај на меѓународната институција покажува дека македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот.

„Како заклучок на сето ова произлегува дека работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта ја поддржува оваа состојба“, велат синдикалците.

Работодавачите и натаму сметаат дека македонските работници не се доволно продуктивни за посериозен раст на платите, а особено не на минималецот кој ССМ бара да биде 600 евра. Власта вели дека ќе се чека март месец и тогаш по формулата за пресметка на раст на минималната плата ќе се одреди износот. А според најавите нема да биде поголем од 2000 денари. Таквите чекори ќе ги принудат синдикалците да ги преземат и најригорозните потези во синдикализмот а тоа е организирање на генерален штарк во приватниот и јавниот сектор.