Vrabotuvanje.com.mk дел од Саемот за образование и кариера 2026 на 27 и 28 февруари
Актуелно

Vrabotuvanje.com.mk дел од Саемот за образование и кариера 2026 на 27 и 28 февруари

23. 02. 2026.

На 27 и 28 февруари 2026 година во Skopje City Mall ќе се одржи Саемот за образование и кариера 2026 – најважниот настан за матуранти, студенти и млади во Македонија. Настанот е во организација на Скопје Сити Мол и најголемата студентска заедница Студентарија, а и оваа година дел од него е и Vrabotuvanje.com.mk.

Саемот има за цел да ги поврзе младите со образовните институции и работодавачите, овозможувајќи им на едно место да се запознаат со можностите за образование, специјализација и професионален развој. На настанот ќе учествуваат 12 универзитети со над 100 факултети од Македонија, академии за дигитални вештини, како и компании што нудат можности за пракса и вработување.

„Саемот е единствена можност за средношколците и идните студенти директно да разговараат со претставници на универзитети и факултети, да дознаат повеќе за студиските програми, уписните рокови, стипендиите и кариерните можности, но и да ги истражат различните образовни и професионални патишта кои ќе ја одредат нивната иднина“, велат организаторите.

Покрај идните студенти, настанот е наменет и за тековните студенти и млади кои бараат пракса или работа. За нив се предвидени работилници, панел-дискусии и презентации поврзани со развој на кариера, како и директни средби со компании и организации.

Vrabotuvanje.com.mk, како водечки портал за вработување и кариера во Македонија, ќе биде присутен на Саемот со цел да ги информира младите за актуелните можности за пракса и вработување, како и за алатките и советите што им помагаат полесно да го направат преминот од образование кон пазарот на труд.

Влезот за посетителите е бесплатен, а регистрацијата за учество е во тек. Сите заинтересирани средношколци, студенти, млади и родители можат бесплатно да се пријават и да го посетат Саемот за образование и кариера 2026 на 27 и 28 февруари во Skopje City Mall.