Иако се очекува глобалната економија да достигне 126 трилиони долари во 2026 година, економската моќ останува силно концентрирана. Само четири држави – Соединетите Американски Држави, Кина, Германија и Јапонија – генерираат речиси половина од вкупната светска економска активност.
Според проекциите на ММФ објавени во извештајот „World Economic Outlook“ за април 2026 година, овие четири економии заедно создаваат повеќе од 63 трилиони долари економски учинок, што е приближно колку и остатокот од светот заедно.
Најголема економија и натаму се САД со проектиран БДП од 32,4 трилиони долари или 25,6 проценти од глобалната економија. Следува Кина со 20,9 трилиони долари и удел од 16,5 проценти.
На третото место е Германија со 5,45 трилиони долари, додека Јапонија е четврта со 4,38 трилиони долари.
Во првите десет светски економии се и Обединетото Кралство, Индија, Франција, Италија, Русија и Бразил.
Азија сè повеќе станува двигател на глобалниот економски раст. Покрај Кина и Јапонија, големо внимание привлекуваат и економиите на Индија и Индонезија.
Во меѓувреме, глобалните трговски тензии продолжуваат да влијаат врз економските прогнози. Високите царини што САД ги воведоа од почетокот на 2025 година доведоа до намалување на очекувањата за раст во повеќе економии, особено во Северна Америка.
Посебно изложени на ризик се Канада и Мексико, чии економии силно зависат од трговијата со САД.
Извор:faktor.mk
