Гужви на границите, недостиг на вода и работници: Халкидики пред една од најтешките туристички сезони?
Актуелно

Гужви на границите, недостиг на вода и работници: Халкидики пред една од најтешките туристички сезони?

08. 05. 2026.

Сите хотели на Халкидики ги отворија своите врати за време на дождливиот првомајски викенд, со просечна пополнетост од околу 75 отсто, при што првите гости пристигнаа главно од балканските земји.

Сепак, во туристичкиот сектор владее загриженост поради падот на резервациите од 8 до 10 проценти во однос на минатата година, што проектира просечна пополнетост за целата сезона од околу 60 до 65 отсто.

  • -Халкидики, како и остатокот од Грција, ги чувствува последиците од конфликтите на Блискиот Исток. За среќа, регионот силно се потпира на патниот туризам од Балканот, а во последно време и од Турција - изјави Григорис Тасиос, претседател на Здружението на хотелиери на Халкидики.

Тој посочи дека секторот се соочува со сериозни предизвици, пред сè економската криза и критичниот недостиг на работна сила. Во хотелите во моментов недостигаат околу 1.500 работници, главно поради доцнења во издавањето визи за странски работници, кои во некои случаи траат и повеќе од 90 дена.

Иако годината започна со силен бран на рани резервации, продажбата на „all inclusive“ аранжманите забави.
  • -Сезоната ја водиме по принципот „чекај и види“, а пополнетоста во мај веројатно нема да надмине 65 проценти - додаде Тасиос.

Халкидики сè повеќе се ориентира кон нови пазари како Полска и Италија. Полските туристи веќе пристигнуваат, а од 6 мај започнуваат и чартер-летови. Италијанските гости, пак, доаѓаат во групи или индивидуално, со фокус на верски и културен туризам.

Туристите од Балканот и натаму остануваат клучни, со околу 50 проценти од вкупните резервации. Најмногу има Бугари, Романци и Срби, а забележан е и раст на туристи од Македонија, Албанија и Косово. Минатата година е регистриран и пораст на гости од Турција.

Влезот на Бугарија и Романија во Шенген дополнително го олеснува патувањето, што е значаен фактор за регионот.

Дополнително, отворањето на луксузниот хотел „Меравија“ во Афитос се очекува да привлече повеќе гости, особено од Израел.

И покрај позитивните сигнали, Халкидики се соочува со хронични инфраструктурни проблеми: недостиг на вода, застарена водоводна мрежа, недоволни системи за третман на отпадни води и лоша патна инфраструктура, особено во внатрешноста и на Ситонија.

Оваа година, поради обилните врнежи, водоснабдувањето засега е стабилно, но проблемите остануваат.

Тасиос предупреди и на растот на приватното сместување. Халкидики располага со околу 49.200 хотелски легла, додека во секторот на краткорочно изнајмување има околу 50.000 регистрирани и уште 15.000 нерегистрирани легла.

Туристичкиот сектор внимателно го следи и воведувањето на новиот европски систем за биометриска контрола (ЕЕС), поради можноста за дополнителни гужви на граничните премини.

 

Извор:faktor.mk