Според нив, кога луѓето ќе купат парче мебел, планираат дека ќе го користат 7 до 10 години, а нова покуќнина купуваат кога старото ќе дотрае. Една од опциите за која размислуваат откако мебелот ќе дотрае е и тапацирање. Оние кои во овој сектор работат повеќе од две децении објаснуваат дека ретки се купувачите кои менуваат мебел на 5 години.
„Нашите граѓани мебелот не го менуваат често, односно го користат дури не дотрае. Има муштерии што доаѓаат и кажуваат дека 20 години користеле исти кревети. Мислам дека луѓето немаат пари. Повеќето купувачи бараат да земат нешто поевтино, посебно ако се постари луѓе“, велат од скопска продавница за мебел.
Од друга продавница за мебел додаваат дека во текот на годината има периоди кога луѓето помасовно купуваат спални, гарнитури, но има и „мртви“ периоди кога потрошувачката е многу намалена. Објаснуваат дека поголема побарувачка за мебел има во летниот период кога има многу свадби, но и за Велигден луѓето се подновуваат во рамки на можностите.
Од велешка продавница потврдуваат дека луѓето купуваат нов мебел ако купиле нов стан, инаку практикуваат стариот мебел да го користат со децении.
Во Обединетото Кралство, анкета направена во 2025 година покажа дека лицата на возраст до 24 години ги заменуваат парчињата мебел на секои 2,7 години, додека оние на возраст од 55 и повеќе години, го прават тоа на секои 5,8 години. Приближно 29 отсто од жителите на Велика Британија ги заменуваат софите на секои пет години. Во Австралија, замена на мебелот се случува на секои 8 до 12 години. Таму софите и фотелјите сочинуваат 33 отсто од фрлениот мебел.
Извор:faktor.mk
