Нова учебна година, помалку првачиња: Околу 14.500 деца тргнуваат во прво одделение
Актуелно

Нова учебна година, помалку првачиња: Околу 14.500 деца тргнуваат во прво одделение

31. 08. 2026.

Утре започнува учебната 2026/2027 година за учениците во основните и средните училишта низ Македонија. За околу 14.500 првачиња, ова ќе биде прв ден во училишните клупи.

Бројката не е конечна, бидејќи дополнителните уписи ќе траат до крајот на септември. Од Министерството за образование очекуваат годинава да има најмалку 3.000 првачиња помалку во споредба со минатата учебна година.

Поради намалениот број ученици, се очекува и околу 200 паралелки помалку во основното и 100 помалку во средното образование. Најавено е и затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче.

За споредба, во учебната 2025/2026 година во прво одделение биле запишани 17.921 ученик. Во основното образование имало 174.040 ученици, а во средното 67.540.

Од Министерството за образование информираат дека учебниците се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата, а наставата официјално започнува на 1 септември.

По повод почетокот на учебната година, до возачите се упатува апел за зголемена внимателност околу училиштата, пешачките премини и автобуските постојки, поради поголемото присуство на деца во сообраќајот.