Новите царински давачки за мали пратки во Европската Унија веќе почнуваат да се чувствуваат врз онлајн-нарачките од популарните кинески платформи.
Според првичните податоци објавени од француското Министерство за економија, бројот на мали пратки што влегуваат во ЕУ по воведувањето на новите правила е намален за 30 до 40 отсто. Во истиот период, продажбата на некои од најголемите платформи бележи значителен пад.
Temu бележи пад од околу 50 отсто во продажбата од јуни до јули, додека кај AliExpress падот изнесува 37 отсто. Shein, пак, забележал пад од околу 15 отсто.
Што се промени?
Од 1 јули, ЕУ воведе царинска давачка од три евра за мали пратки до 150 евра. Оваа категорија досега во голем број случаи можеше да влегува на европскиот пазар без царина.
Новото правило особено ги засега платформите како Temu, Shein и AliExpress, чиј бизнис во голема мера се потпира на евтини производи што директно се испорачуваат од азиски продавачи до европските потрошувачи.
Првичните резултати покажуваат дека дополнителниот трошок може да влијае врз одлуката на потрошувачите да купуваат евтини производи од странство.
Зошто ЕУ ги заострува правилата?
Европската Унија со години укажува на проблемите што ги создава огромниот број евтини пратки од трети земји.
Само во 2025 година, во ЕУ пристигнале околу 5,9 милијарди предмети со ниска вредност, односно повеќе од 16 милиони дневно.
Покрај притисокот врз царинските служби и европските трговци, проблем претставува и безбедноста на производите. Истражување од 2025 година покажало дека повеќе од 60 отсто од проверените производи со ниска вредност не биле усогласени со европските правила и безбедносни стандарди.
Со новите мерки Брисел сака да создаде порамноправни услови за европските трговци, но и да овозможи подобра контрола на производите што влегуваат на европскиот пазар.
Кинеските платформи бараат решение
Компаниите зад големите онлајн-платформи веќе бараат начини да го намалат влијанието на новите давачки.
Една од опциите е отворање магацини и логистички центри во ЕУ, меѓу другото и во Полска. На тој начин дел од производите би можеле да се испорачуваат од европска територија, наместо секоја нарачка одделно да пристигнува директно од Азија.
Царината од три евра е само дел од пошироката реформа на царинскиот систем на ЕУ. Во наредните години се очекуваат дополнителни промени, вклучително и можни нови давачки за обработка на малите пратки.
Целта на Брисел е царинскиот систем да се приспособи на брзиот раст на прекуграничната е-трговија и да се намали зависноста од моделот во кој милиони евтини пратки секојдневно пристигнуваат директно од азиските продавачи до европските купувачи.
