Синсеј го зголемува профитот, ЛПП планира уште 750 нови продавници, Македонија веќе е дел од експанзијата
Актуелно

Синсеј го зголемува профитот, ЛПП планира уште 750 нови продавници, Македонија веќе е дел од експанзијата

18. 09. 2026.

Полската модна групација ЛПП, сопственик на брендовите Синсеј, Резервед, Кроп, Хаус и Мохито, забележа силен раст на профитот во вториот квартал од годинава, поттикнат од зголемената продажба во физичките продавници и преку интернет.

Нето-добивката на групацијата пораснала за 64 отсто на околу 176 милиони евра, додека оперативната добивка се зголемила за 63 отсто на околу 259 милиони евра. Приходите во вториот квартал пораснале за 18,4 отсто, а Синсеј имал најголем придонес во растот.

Од мај до крајот на јули ЛПП отворил 230 нови продавници, од кои 212 биле под брендот Синсеј. Со тоа вкупната мрежа на групацијата надминала 4.000 продавници, а речиси 2.700 од нив се Синсеј.

За целата 2026 година компанијата планира да ја зголеми продажната површина за околу 15 отсто, со отворање приближно 750 нови продавници на Синсеј.

Раст има и кај интернет-продажбата. Приходите од електронската трговија во вториот квартал се зголемиле за 16,4 отсто на годишно ниво. Компанијата го поврзува подобрувањето и со враќањето на целосните логистички капацитети во Југоисточна Европа, по отворањето нов дистрибутивен центар во Романија.

Македонија веќе е дел од брзото ширење на полската групација. Во јули ЛПП ја отвори својата 50-та продавница во земјава, пет години по влезот на македонскиот пазар. Во тој момент мрежата броеше 41 продавница Синсеј, како и уште девет продавници на брендовите Резервед, Кроп, Хаус и Мохито.

Во изминатиот период Синсеј ја прошири мрежата и во повеќе македонски градови, што ја прави земјава дел од пошироката регионална експанзија на ЛПП. Засега компанијата нема објавено колку од новите 750 продавници планирани за 2026 година ќе бидат отворени во Македонија. Официјалната македонска страница на Синсеј во моментов нема наведени следни отворања.

Извор: faktor.mk