На зелените пазари и во маркетите цените на доматите не се симнаа под 250 денари, а розовиот се продава и над 300 денари. Краставиците се од 100 до 160 денари, за килограм пиперки треба да платите најмалку 300 денари, а благиот пипер во некои маркети достигнува и до 350 денари. За парче зелена салата се плаќа најмалку 50 денари, морковите се од 50 до 80 денари, а китка магдонос чини од 30 до 50 денари. Младиот компир се продава за околу 170 денари, младата зелка од 50 до 100 денари, карфиолот над 200 денари, а брокулата над 300 денари за килограм. Ништо поразлични не се ниту цените на јајцата и на јагнешкото месо, кои се симбол на секоја велигденска трпеза.
Јајцата, во зависност од големината, се продаваат над 300 денари за табла. Тоа значи дека едно јајце чини околу 11 денари, а пакување од 10 јајца се движи од 110 до 160 денари. Табла од најмалите, S-класа, чини околу 340 денари, додека за L или XL треба да се платат од 340 до 400 денари. Килограм јагнешко месо се продава од 750 денари, па нагоре. Во дел од месарниците купувачите се условувани – ако купат бут, мора да земат и половина глава, а за плешка добиваат и половина џигер. Кошулката за дроб-сарма се продава за 240 денари, а јагнешката глава, наместо 80 денари колку што чинеше лани, сега се продава за 100 до 110 денари. Прасешкото месо може да се најде и за 380 денари за килограм.
Граѓаните велат дека со вакви цени, тешко ќе може да ја наполнат трпезата за Велигден.
– Не е само празникот, и другите денови мора нешто да се јаде. Мора да се донесат мерки, ова со цените веќе нема смисла. Никој повеќе не ужива во празниците, само гледа да преживее – вели една жена.
Продавачите на зелените пазари ги правдаат високите цени со зголемените набавни цени на овошјето и зеленчукот, кои претежно се од увоз. Трговците велат дека ова поскапување е резултат на зголемената празнична побарувачка, слабата домашна понуда во рана пролет и зависноста од увоз. Во овој дел од сезоната, домашното производство на отворено сè уште не е пристигнато во полн обем, па пазарот, главно, се потпира на ограничените количини од оранжериите и на увезената стока, што ја крева и крајната цена.
Според увозниците, главна причина за високите цени и за намалениот увоз се наглиот раст на цената на нафтата и зголемените транспортни трошоци. Високите цени на нафтата директно се прелеваат врз транспортот и логистиката, кои се клучни за увозот на свежи зеленчук и овошје.
Од живинарските фарми велат дека зголемените транспортни трошоци, како и цените на суровините и репроматеријалите, довеле до раст на цените на јајцата.
– Транспортните трошоци растат како резултат на порастот на цените на нафтата, зголемени се и цените на пченицата, сојата и на амбалажата. Значи растат сите производствени трошоци. По Велигден, планираме ново зголемување на цените на јајцата, бидејќи во спротивно нема да работиме рентабилно – изјави генералниот директор на „Везе шари“, Абдулезел Догани.
Граѓаните велат дека јајцата поскапуваат од недела во недела, па Велигден ќе биде луксуз за многу семејства. Не се само јајцата, сè е поскапено. Кога ќе се соберат сите трошоци за празник, излегува дека е потребна цела плата.
Многумина коментираат дека ако се суди според цената на јајцата, животниот стандард значително опаднал. Порано за Велигден купувале по две табли јајца, а сега едвај една и внимателно ја трошат.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија бараат повторно да се активираат мерките како ограничување на трговските маржи за да се спречи енормен раст на цените на основните прехранбени производи.
– Се покажа дека овие мерки дадоа резултати, иако дел од економистите ги сметаат за непазарни. Не може да се чека цените да достигнат плафон, па потоа да се реагира. Потребни се превентивни мерки и доследна примена на Законот за нечесни трговски практики за да се заштитат граѓаните од ценовниот шок – изјави Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организација на потрошувачи на Македонија.
Светските цени на храната, исто така, бележат раст. Индексот на цените на храната на ФАО се зголеми втор месец по ред во март и достигна 128,5 поени, што е за 2,4 проценти повеќе во однос на февруари.
Цените на житарките порасна за 1,5 проценти, при што пченицата поскапи за 4,3 проценти, а раст е забележан и кај пченката, јачменот и сиракот. Растителните масла се зголеми за 5,1 процент и го достигнаа највисокото ниво од средината на 2022 година. Цените на месото се зголемија за еден процент, додека млечните производи поскапеа за 1,2 проценти. Најголем раст има кај шеќерот, кој поскапи за 7,2 проценти и го достигна највисокото ниво од ноември 2025 година.
