Во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Петрова презентираше податоци кои откриваат дека државата издвојува огромни средства за поврат на ДДВ кон граѓаните, без соодветен ефект.
Според официјалните бројки за 2025 година, за „Мој ДДВ“ на секои три месеци се исплаќаат околу 14,5 милиони евра. Во системот активно учествуваат приближно 502.000 граѓани, додека за оваа мерка се трошат околу 4 проценти од вкупната годишна наплата на ДДВ – сума која одговара на речиси половина од еден месечен приход од ДДВ.
Мерката беше воведена во 2019 година со идеја секој граѓанин да стане „даночен инспектор“ и преку задолжително барање фискални сметки да се намали сивата економија. Но, според Петрова, очекуваниот ефект изостанал.
„Фактите и податоците со кои располагаме јасно покажуваат дека мерката не ги дала резултатите што ги очекувавме“, изјави таа.
И покрај ваквите оценки, Петрова потенцира дека во моментов нема донесена одлука за укинување на „Мој ДДВ“, но нагласува дека прашањето за оправданоста на ваквите трошоци останува отворено.
„Кога се трошат јавни пари, мора да се води сериозна дебата за тоа дали мерките навистина ги постигнуваат своите цели“, заклучи директорката на УЈП.
