Според податоците, вредноста на кошницата се зголемила за 103%, додека во истиот период минималната плата пораснала за 71,4%, а просечната плата за 63,9%. Тоа, како што наведуваат од ССМ, покажува дека растот на платите не го следи растот на трошоците за живот.
Анализата укажува дека во 2021 година за покривање на синдикалната минимална кошница биле потребни 2,2 минимални плати, додека во 2026 година се потребни 2,6 минимални плати.
Истовремено, една просечна плата која во 2021 година покривала 84% од кошницата, сега покрива околу 68%.
Претставникот на ССМ, Иван Пешевски, оценува дека животниот стандард континуирано се влошува и дека цените растат побрзо од платите.
- Нашата анализа за последните 5 години покажува дека животот е поскап за точно 103%, што е многу ако се спореди порастот на минималната и просечната плата. Животот во Македонија од ден на ден станува сè поскап и ни претходната ни оваа влада не донесоа конкретни мерки со кои би се зачувал животниот стандард на работниците. Затоа постојано апелираме и бараме да се покачуваат платите, но тоа покачување некако е изедено од инфлацијата - изјави Пешевски.
