Новиот претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, Ацо Ристов, уверува дека корекцијата на цената нема да биде драстична, бидејќи цената на природниот гас, кој е основен енергенс за производство на топлинска енергија, не бележи значително зголемување во однос на нафтените деривати. Ристов посочи дека Регулаторната комисија веќе ги анализира трошоците и параметрите што влијаат врз формирањето на новата цена на парното, по што ќе биде донесена конечната одлука. Тој нагласи дека целта е да се обезбеди баланс меѓу реалните трошоци на енергетските компании и заштитата на стандардот на граѓаните.
Покрај најавата за поскапување на парното, Ристов информираше и дека се подготвуваат измени во системот на блок-тарифи за електрична енергија. Според него, новиот модел на пресметка ќе биде поправеден за потрошувачите, бидејќи ќе ги коригира сегашните нелогичности во кои иста количина потрошена електрична енергија се наплатува по различна цена. Не може да постојат пет цени за ист производ.
Од Регулаторната комисија очекуваат новиот систем да донесе порамномерна распределба на трошоците и пофер наплата на електричната енергија за домаќинствата.
-За разлика од големите флуктуации кај другите нафтени деривати, цената на природниот гас останува релативно стабилна. Дали и за колку ќе има зголемување на цената на топлинската енергија ќе се знае до крајот на јули, бидејќи компаниите од овој сектор своите барања до Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги треба да ги достават до 30 јуни. Потоа РКЕ ќе ги обработи сите податоци и ќе ја утврди новата цена. Поради растот на цената на гасот ќе има одредено поскапување, но тоа нема да биде драстично, бидејќи природниот гас не поскапе толку многу како другите нафтени деривати“, изјави Ацо Ристов.
Земјава забрзано се движи кон интеграција со европскиот енергетски пазар, а се очекува годинава да биде завршен процесот на сертификација на електричната енергија произведена од обновливи извори. Со тоа, веќе од следната година и домашните и странските производители ќе можат полноправно да учествуваат на европскиот пазар на електрична енергија. Ова ќе овозможи надминување на проблемите со кои моментално се соочуваат производителите на струја од обновливи извори, кои поради недостиг на соодветна сертификација имаат ограничен пристап до европскиот пазар.
Во меѓувреме, земјата бележи значително зголемување на производството на електрична енергија, пред сè поради интензивната изградба на фотоволтаични централи, што во одредени периоди создава и хиперпродукција на струја. Се очекува дека отворањето кон европскиот пазар ќе овозможи полесен пласман на вишоците произведена електрична енергија и поголема економска исплатливост за инвеститорите во обновливи извори.
-Пазарите на енергенси што се под надлежност на РКЕ функционираат стабилно. Заклучно со 31 декември 2025 година, издадени се 1.350 лиценци за производство на електрична енергија со вкупен инсталиран капацитет од 3 илјади 163 мегавати, што покажува дека во Македонија има интензивен развој и изградба на нови енергетски капацитети кои придонесуваат за стабилност на енергетскиот систем. Електроцентралите што користат обновливи извори на енергија имаат доминантно учество од 58,2 проценти во вкупната инсталирана моќност од обновливи извори. Дополнително, за првпат во 2025 година започна инсталација на батериски системи за акумулација и складирање на електрична енергија, што претставува значаен чекор во модернизацијата на енергетскиот сектор. Околу 77 проценти од нафтените деривати во текот на минатата година биле увезени од Грција, при што испораката се одвивала стабилно. Во овие кризини месеци, со ставањето во функција на продуктоводот годинава, дополнително се зајакнува сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати. Регистриран е и раст на продажбата на нафтените деривати од 4,88 проценти, што укажува на раздвижување на стопанството, бидејќи зголемената потрошувачка најчесто е показател за засилен економски развој, вели претседателот на РКЕ.
Најголемо учество во вкупната потрошувачка на нафтени деривати има дизел горивото со околу 75 проценти. Пазарот на природен гас е либерализиран, но сè уште не е доволно развиен, пред сè поради ниската потрошувачка и малиот број корисници, трговци и снабдувачи. Се очекува во наредниот период состојбата да се промени со реализацијата на најавените инвестиции во гасни електрани и проширувањето на гасната инфраструктура, што треба да придонесе за поголема потрошувачка и развој на пазарот на природен гас
-Имаме алармантни бројки во делот на загубите на вода, кои на национално ниво достигнуваат 63 проценти. Регулаторната комисија постојано укажува на овој проблем и апелира до сите институции, а особено до јавните претпријатија, сериозно да се посветат на заштитата и управувањето со овој ресурс, бидејќи водата во иднина ќе стане еден од најважните ресурси, посочуваат од РКЕ.
Претседателот на РКЕ, Ристов посочи дека и покрај тоа што годината започна турбулентно, државата засега успешно успева да ги менаџира ценовните шокови и да обезбеди стабилно снабдување со сите енергенси. Паралелно, државата продолжува со процесот на зелена транзиција, во кој Македонија веќе длабоко навлезе преку зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори.
Раст од 11,43% на производството на електрична енергија од обновливи извори е регистриран во 2025 година во споредба со 2024 година, додека вкупното производство изнесува 6.123 GWh и е практично на исто ниво – покажуваат податоците од Годишниот извештај за работењето на РКЕ за 2025 година. Најголем пораст на производството од обновливи извори од 32,50 % има кај ветерните електроцентрали, додека за прв пат производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали го надмина производството од комбинирани централи.
Во 2025 година РКЕ измени седум лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со кои се додадоа складишта во склоп на истите со вкупна инсталирана моќност од 7,1MW.
Во 2025 година издадени се вкупно 236 лиценци од областа на електрична енергија, од кои најголем дел се за производство од ОИ. Континуираните инвестиции во капацитети за производство од ОИ го зголемија учеството на 58,22% во вкупниот инсталиран капацитет во земјата.
Зголемената конкуренција на пазарот со активни 21 снабдувач донесе подобри услови за потрошувачите. На берзата на електрична енергија се регистрирани 40 компании и истргувани 1.371 GWh, што претставува раст од 41% во споредба со претходната година.
Во извештајот се нотира забрзување на активностите за поефикасна интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари на електрична енергија. Назначувањето на НЕМО за номиниран оператор на пазар на електрична енергија, одлуката на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) за приклучување на македонската зона на наддавање кон регионот за пресметка на капацитети на Југоисточна Европа, како и изработката на Планот за интеграција на работата на споените пазари се дел од активностите за спојување на пазарите.
