Наставата ќе трае до 10 јуни 2027 година, додека за матурантите ќе заврши на 17 мај. Зимскиот распуст ќе биде од 31 декември до 21 јануари.
Според досегашните податоци, запишани се 14.952 првачиња и 16.932 ученици во прва година средно образование.
Од Министерството за образование и наука информираат дека се набавени 622 илјади учебници, кои веќе се распределени во училиштата. Нови учебници се обезбедени за прво, второ, трето и осмо одделение, како и за втор клас во гимназиското образование.
Во новата учебна година, 620 од вкупно 1.023 училишни објекти ќе работат во една смена. Паралелно продолжува оптимизацијата на училишната мрежа, при што поради намалениот број ученици ќе има 433 паралелки помалку, а привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта.
За учениците со посебни образовни потреби ќе бидат ангажирани рекорден број образовни асистенти – 1.358 во основното и 166 во средното образование.
МОН ќе продолжи да ги покрива трошоците за учество на талентирани ученици на меѓународни научни олимпијади, а во октомври ќе бидат објавени конкурсите за ученички стипендии.
Од март 2027 година, наставниците се очекува да добијат зголемување на платите од 7,5 до 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација.
