Квадрат над 2.000 евра: Скопје и Охрид во „трка“
Актуелно

Квадрат над 2.000 евра: Скопје и Охрид во „трка“

01. 09. 2026.

Цените на становите во Македонија продолжуваат да бидат високи, а покрај Скопје, во последниот период сè повеќе внимание привлекува и Охрид. Според податоците од специјализираниот портал за цени на недвижности, цената на квадратен метар во двата града надминува 2.200 евра, но во одредени делови од Охрид достигнува и значително повисоки нивоа.

Во Скопје, просечната цена на станбениот квадрат годинава се движи над 2.200 евра, зависно од локацијата, новоградбата и карактеристиките на станот. Главниот град и понатаму останува еден од најскапите пазари за недвижности во земјава.

Но, Охрид во последниот период сериозно му конкурира на Скопје. Во атрактивните локации покрај езерото и во новите станбени комплекси, цената може да достигне дури 4.000 евра за квадратен метар.

Една од причините за високите цени во Охрид е и ограничената понуда на станови. За разлика од Скопје, каде има голем број изградени, но непродадени или празни станови, во Охрид понудата е значително помала, што дополнително го зголемува притисокот врз цените.

Трендот на раст на цените не е ограничен само на овие два града. Според истите податоци, во последниот период поскапување на становите е забележливо и во Штип и Струмица.

Така, иако Скопје традиционално важи за најскап пазар на недвижности во земјава, Охрид со цените во најатрактивните делови веќе успева да го надмине, особено кога станува збор за станови на локации со поголем интерес од купувачите.