Така покажуваат податоците од Народната банка за цените на становите, застапени во анализата на „Пари“. Според нив, ако 2010 година се земе како базна година, односно ако тогашните цени се со индекс со база 100, четвртиот квартал од 2025 година има индекс од 198,92, што значи дека цените се зголемиле за безмалку 100 насто. Со секој месец од 2026 година состојбата веројатно е уште подраматична затоа што сите податоци покажуваат дека растот на цените не престанува.
Според методолошкото објаснување на Народната банка, индексите се пресметани врз основа на огласите за продажба на становите во Скопје.
Поголем раст од 7,7 насто на годишно ниво, во однос на 2010 година, имало во четвртиот квартал од годината. Наредните пет години, во повеќе квартали имало дури и намалување на цените по неколку проценти, а во помалку квартали имало мал раст на цените. Во 2016 година во сите квартали има нагорни годишни промени, а во 2017 година има пад на цените. Од 2018 година цените благо одат во позитива, а првпат има нивен двоцифрен раст во четвртиот квартал од 2021 година, кога цените на годишно ниво се зголемија за 11,4 насто. Од 2022 година веќе се влезе во ера на галопирачки раст на цените на становите, така што четвртиот квартал од 2025 година во однос на четвртиот квартал од 2024 година заврши со раст од дури 25 насто!

ШТО СЕ СЛУЧУВА?
Со претходната енергетска криза, цените на градежните материјали почнаа нагло да растат. Тогаш почнаа драстично да се зголемуваат и цените на становите. Но, пазарот не покажа намалување на понудата. Напротив – во кризно време, во време на инфлација почнаа да се „затвораат“ парите во станови. Тогаш, дури и градежни компании признаа дека и по стабилизирање на цените на градежните материјали, продолжува да расте цената на станбениот квадрат.
Според информациите на „Пари“, трендот на продажба на станови продолжува. Се продаваат и станови во изградба. Градежниците со кои разговаравме велат дека ако имаат подобра локација, се случува само што ќе ископаат дупка за зграда да имаат продадено голем дел од становите.
