Од практична настава до органски производ, до превкусен сок од калинка. Вредните раце на учениците и професорите од СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово повеќе од една година произведуваат сок од органски валандовски калинки.
Училиштето во кое е застапена земјоделско-ветеринарната струка, располага со лозови и житни насади, јапонски јаболка и 0,5 хектари калинка и машинска линија каде учениците практично учат за сите фази на цедење, полнење и складирање на овој сок.
Сокот се произведува во училишната компанија „Еко-фарма“ во строго контролирани услови, во согласност со HASSAP стандарди и поседува сертификат за органско производство. Сокот не содржи шеќер, вода, адитиви и конзерванси.
Оваа година е втора по ред во која учениците произведуваат сок од калинка и каде се произведе поголема количина на овој сладок напиток. Првата година им повеќе беше експериментална каде акцент се стави на усовршување на работниот процес, раздвојување на работните операции и нивно синхронизирање и тестирање на апаратите во самата линија за нивно непречено функционирање. Сето тоа се среди со помош на надворешни соработници, партнерот „Про група“ и наставниците кои го водат целиот процес.
Училиштето располага со двор со површина околу 0,7 хектари и на него има засадено 40 дрвја на калинка од кои добиваат околу 1 тон калинки.
-Оваа година засадивме уште 50 нови дрвца на калинки. За да се добие 1 литар сок потребно е околу 4 до 5 кг на калинки. Откупуваме и дополнително количество на калинки и од локалните одгледувачи. Годинава обработивме околу 2,5 тони калинка. Во нашиот крај се произведува сок од калинка, но најголем проблем е пастеризација на производот. Сокот што се произведува во домашни услови не се пастеризира и е потребно да се пакува во пластични шишиња и да се замрзне за да се користи на подолг период. Нашиот сок е 100% природен и не содржи никакви други додатоци како вода, адитиви, конзерванси и сл. Содржи танини кои доаѓаат од лушпата, но тоа е составниот дел на сокот од калинка. При самиот процес на производство се отстранува дел од лушпата, но не целосно. Нашиот сок се пастеризира и се пакува во стаклено шише, велат производителите од Валандово.
Начин на подготовка
Околу постапката на производство на сокот од калинка, нашите млади производители велат дека најпрво плодовите се мијат и се чистат. Се лупат рачно од страна на учениците и се засекуваат. Понатаму се пресуваат на хидраулична преса и се филтрираат. Исцедениот сок се остава да се стабилизира 24 часа. Избистрениот сок се полни во шишиња и кратко се пастеризира. Учениците го полнат рачно и го затвораат. На крај се става етикета. На задната страна од етикетата има табела со нутритивната вредност на сокот која е издадена од соодветна установа. Погонот во кој се преработува калинката е по ХАССАП систем и има сертификат за органско производство. Калинките се сертифицирани органски во преод.
Практичната настава попривлечна од теоријата
Директно во самиот процес на производството на калинките учествуваат учениците кои имаат практична настава, а тоа се ученици од трета и четврта година земјоделско-ветеринарна струка. Технологијата на производство на сокови е во склоп на наставните содржини од предметот „Производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци“. Инаку и учениците од прва и втора се запознаваат за самиот процес прво теоретски, а потоа практично. Заеднички сите заедно се вклучени и во самото одгледување на насадот од калинки.
-За самиот процес има елаборат и план за работа врз основа на кој се изработени процедури во форма на редослед на постапки за производство на сок од калинка. Точно се знае кој е одговорен, а тоа се нашите професори и кој што работи од нашите ученици. Особено се внимава на заштитата при работа со соодветна опрема бидејќи некои операции бараат особена внимателност. Исто така е важна хигиената со запазување на сите прописи, бидејќи сепак се работи за производство на храна, велат нашите пријатели од СОУ „Гоце Делчев“- Валандово.
Инаку цената на сокот е симболична и со неа се покриваат трошоците: како амбалажа, етикета, контрола на производот кај соодветни установи. Од училиштето велат дека малиот приход што ќе се добие оваа година (ако се реализира целосна продажба на производот) ќе се искористи за набавка на суровини, амбалажа за следната година, а со тоа да се зголеми реколтата во идната година. Исто така планирано е да се засадат и нови насади на калинка и набавка на работна униформа и заштитна опрема за учениците. Награда за учениците за нивниот ангажман е заедничка екскурзија на некое туристичко место.
-Секако дека се радуваат бидејќи учествуваат во самиот процес на производство, па се до крајниот производ. Тие учествуваат и во самото одгледување на суровините од нивно садење, одгледување и берба. Особено сме горди што развиваме квалитетен кадар за пазарот на трудот. Можеме да се пофалиме дека нашите ученици стекнуваат стручни вештини кои понатаму ќе ги искористат при идното вработување. Горди сме што развиваме различни погони во рамките на училиштето кои нудат учење преку работа. Учениците многу сакаат да работат, бидејќи секогаш тоа е поинтересно отколку учење теорија во училница. Доста мотивира за нив што на крај имаме краен опиплив продукт, вели Нако Кимов, професор и органски производител од СОУ „Гоце Делчев“- Валандово.
извор: zelenaberza.com.mk