Фудфлористика е нов концепт на бизнис идеја што на нашите простори почна да ја развива Ирена Гуржовска од Скопје. Идејата дошла сосема случајно, но спонтано се претвора во сериозен бизнис.
Букетот од киндер јајца и бонбони, што Ирена го направила за приредбата на нејзиниот син , в градинка, можеби бил пресуден. Почнала да размислува, да направи букет што може да се јаде, овој пат од овошје и зеленчук, со цел да може да го натера својот син да јаде зеленчук. Задоволството што оваа идеја го предизвикало бил полн погодок. Ова било доволно Ирена да почне да истражува. Желбата да направи нешто уникатно и креативно, нешто што ќе го разубави не само нејзиното секојдневие туку и на останатите и’ се исполнува.
Почнува да прави букети, но не било какви , туку букети што се јадат.
Моето познавање на рускиот јазик (бидејќи по професија сум преведувач од Руски јазик) ми помогна да најдам ментор во Русија. Од Ања Назарова ја научив основната технологија како се прават букетите, бидејќи откако ќе се направи букетот продуктите треба да го задржат својот мирис и вкус и да може да бидат јадливи и отпосле. Девојката што ме научи беше прва во светот што почна да се занимава со фудфлористика, па решив да учам од оној кој ги поставил темелите за букетите што се јадат, објаснува за Зелена берза Ирена.
Ирена сакајќи да работи нешто креативно, почнала да прави букети од овошје за своите другарки. Реакциите биле воодушевувачки. Продолжила да им прави изненадувања прво на своите блиски. По сугестија на својата пријателка прво ја отвора фејсбук страницата „Букет среќа“ за многу набрзо да си формира и компанија „Букет среќа“ што успешно егзистира веќе една година.
Фудфлористиката е новина на нашите простори. Многу истражував и до формирањето на мојата компанија поминав многу курсеви. На почетокот им беше чудно на луѓето, не знаеја за што станува збор, па дури и кога ја регистрирав фирмата имавме потешкотии поради тоа што не знаевме со која шифра да ја регистрираме, затоа што стануваше збор за прва компанија од овој тип. Работилницата каде ги изработувам букетите не е класична продавница, нема изложбен дел. Свежината на букетите ми е многу важна, поради тоа набавка на продукти правиме секојдневно, и посебно за секој букет. Работиме само со нарачки, готови букети немаме, објаснува таа.
Цените на букетите се различни. Зависи од техниката што се применува, потрошеното време, какви производи ќе се употребат итн. Се почнува од 600 ден па нагоре.
Како што вели за една година постоење предизвикала голем интерес. Има лица кои се интересираат за фудфлористиката што од една страна и е драго, но од друга страна е обврска и одговорност околу поставувањето на стандардите за овој концепт.
Малку не има во оваа област. Соработуваме и се надградуваме едни со други и се обидуваме да создадеме фер услови и стандарди на високо ниво за сите што сакаат да се занимаваат со ова, додава таа.
Не е едноставно, но првичната идеја оди по нагорна линија со единствена цел да постигнува позитивни емоции, радост и среќа, не само кај оние што ги добиваат букетите, туку ина оние што сакаат да се занимаваат со фудфлористика.
извор: zelenaberza.com.mk