Интервју со Вилма Учета Дузлевска, генерален менаџер на Триглав Осигурување Живот АД Скопје, во кое зборува за ангажманот во новата средина како логичен тек на својата дводецениска кариера во секторот за животно осигурување каде што целосно се пронаоѓа професионално, за високите резултати што ги постигна Триглав Осигурување Живот во 2021 година кога имаше најголем апсолутен раст во доменот на животното осигурување, за престижната интернационална награда Business Elite Awards што ја доби минатата година како потврда за личниот професионален успех, како и тоа кои предуслови се потребни за поединец да се профилира во успешен лидер
Вие сте докажан менаџер во областа на осигурувањето, особено на животното осигурување. Колку Вашето знаење и искуство придонесе за високите резултати што ги постигна Триглав Осигурување Живот во 2021 година, имајќи предвид дека компанијата имаше најголем апсолутен раст во доменот на животното осигурување и доминираше во бројот на продадени полиси?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Во секторот на животно осигурување сум присутна веќе втора деценија и имав можности да бидам директно вклучена во развојот на животното осигурување како сегмент што пред дваесеттина години не беше доволно познат за нашите граѓани. На професионалниот ангажман во Триглав Осигурување Живот гледам како на логичен тек на мојата кариера, едно ново опкружување што е подготвено да прими докажано знаење и искуство, но и систем на корпоративно управување што го доживувам како натамошно унапредување во професионалниот развој. Од почетокот на мојата кариера, па сѐ до денес сите мои професионални ангажмани биле предодредени на раст и развој на млади компании, од нивните почетоци, па до достигнување на лидерските позиции. Се обидувам да одржувам фер систем на управување, ги слушам мислењата на моите соработници и ги поттикнувам професионално да се развиваат. Внимателно ги слушам и барањата на клиентите, нивното мислење за нас и како го валоризираат нашето работење.
Животното осигурување е област каде што целосно се пронаоѓам професионално и убедена сум дека компанијата што ја предводам станува двигател на позитивните промени на пазарот за животно осигурување. Триглав Осигурување Живот е најмлада компанија за животно осигурување на пазарот, а сепак изминатата година забележа најголем апсолутен раст во доменот за животно осигурување. За нас, би рекла, тоа е очекувано, имајќи го предвид потенцијалот на овој сегмент од пазарот за осигурување, квалитетот на брендот, но и знаењето и искуството на тимот. Наша цел беше да го збогатиме портфолиото на производи и да се фокусираме на зајакнувањето на релациите со банкарскиот сектор, во поглед на развој на банко осигурувањето. Целите што ги зацртавме за претходната година се успешно реализирани, Триглав Осигурување Живот оствари висок релативен и апсолутен раст на премија на пазарот, притоа со повеќекратно подобар финансиски резултат. Приходните ставки и средствата под управување на компанијата беа зголемени трикратно, додека расходните ставки, освен резервите на компанијата што го следат растот на премијата, беа значително намалени.
Во 2021 година бевте добитник на меѓународна награда во Истанбул. За каква награда станува збор, кој ја доделува и што за Вас лично значат наградите?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Станува збор за престижната награда Business Elite Awards, која има цел да ги препознае и да ги награди младите претприемачи, бизнис-лидери и иноватори во нивната дејност и кои се издвојуваат поради својот измерлив професионален успех или, пак, напредување во кариерата. Овие награди се заштитен знак на Global Trend Awards, основани во Канада. Интернационалниот настан, на кој еднаш годишно се доделуваат признанијата, е замислен како шанса за запознавање и вмрежување на сите наградени лидери од различни општествени области и тоа е добар начин за развој на нови можности, но и за спој на енергијата и на знаењето на младите, а професионално веќе докажани поединци.
Ова признание го поврзувам со остварените резултати низ годините, на тимовите што ги раководев. По големата посветеност, вложената енергија, времето и трудот, навистина е полезно чувството да му се оддаде почит на сработеното. Сепак, нема поголемо признание од добро завршената работа и од резултатите што сме ги оставиле зад себе. Тие секогаш остануваат за следните генерации и тоа треба да му биде примарен мотив на секој лидер, да остави зад себе вредности по кои ќе остане запомнет.
Според Вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали тоа се образованието, личните карактеристики, умешноста да се усвојуваат современите вештини за личен развој, а можеби тоа се поддршката од семејството, поддршката и мотивацијата од работниот тим...?
УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА: Не постои унифицирана формула за успех, но секако дека има многу предуслови еден поединец да се профилира во успешен лидер. Притоа не би се осврнувала на полот како предиспозиција бидејќи лидерството е универзална способност. Битни елементи се образованието, социјалната интелигенција, искуството, но и стекнатиот интегритет низ годините. Јас ја чувствувам мојата постојана обврска, но и желбата да градам тим од личности што имаат карактеристики да станат вистински лидери во иднина. Верувам дека тоа е правилниот пат за создавање континуитет и одлика на секој искусен лидер визионерски денес да создава човечки капитал за следните децении. Постојано се водам од едно правило за кое верувам дека ме одликува и кое го препознаваат моите соработници, барам само издржан резултат и исполнување на обврските пропорционално со придобивките што секој поединец во тимот ги чувствува како дел од себе.
Целото интервју прочитајте го на marili.com.mk