Ако некогаш патот ве води кон Преспанскиот Регион имајте ја на ум овошната фарма „Спирит оф Преспа“ сместена во Царев Двор. Приказната на Ана Лабор, која заедно со нејзината мајка Виолета Прцуловска и сестра си Елена Ивановски, ја развила фармата која ја наследила од нејзиниот дедо.
„Спирит оф Преспа“ е приказна која започнала во 2018 година, а овоштарникот постои во семејството од 1960 година. Како што раскажува Ана, со климатските промени и недоволната заработувачка од продажбата на јаболката на големо, биле принудени да направат диверзификација на фармата и се одлучиле да развиваат рурален и агротуризам.
„Освен јаболка, имаме насади со цреши, сливи, вишни, тикви, планински чај и многу зрнести и јаткасти овошја од кои ги произведуваме мармаладите и соковите кои имате можност да ги пробате кај нас. Практично имаме од с по нешто, за преку цела сезона да имаме што да понудиме на гостите“, раскажува Ана за Репортер.
Да се развива бизнис, а во истовреме да се работи земјоделие не е едноставно, но љубовта и желбата за нешто свое ја прави успешна жена.
„Не е лесно да се развие бизнис, но доколку се има план и бидете добро организирани, знаете што сакате, имате познавање и најбитно го сакате тоа кое го работите, е многу полесно. Спомнав дека овоштарникот го имаме од 1960 година, така што јас сум родена во земјоделско семејство кое е гордо на тоа што го работи и за мене е многу лесно со љубов и страст да ја раскажувам нашата приказна без никакви ограничувања од околината“, вели Ана.
Кога гостите пристигнуваат во овоштарникот прво се сместуваат под дебела сенка под летниковецот, а за топло добредојде нудат ресенско, агрополод кафе или планински чај, сок од сезонски домашни зрнести овошја и традиционална штрудла со јаболка. Потоа следува прошетка кон овоштарникот каде се случуваат активности во зависност од која понуда ја одбрале гостите. А децата добиваат безбедно возење на трактор што е незаборавно искуство за нив.
„Најголем дел од гости се странци. Голем дел од нив живеат и работаат во државава, додека, пак, туристите или не наоѓаат на социјалните мрежи или се преку некоја туристичка агенција. Домашни гости исто така имаме, посебно последниве 2 години. Кај нас секој гостин е подеднакво третиран без разлика од каде е, и морам да кажам дека често се случува истите гости да нè посетат во различни периоди од годината“, рече Ана.
Овоштарникот се наоѓа во село Царев Двор, во срцето на Преспа. Имотот е голем 5 хектари или 50.000 м2. На оваа површина одгледуваат неколку култури од кои околу 5.000 садници се јаболка, 200 цреши, 200 сливи, 50 вишни, имаат и тикви и планински чај посадено на 1.000м2, а во помала бројка се лешници, ореви, рибизли, аронија, малини, капини, јагоди, мушмули.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: info.mk