Oваа успешна приказна е за еден млад човек чие образование започало во Македонија, а патот го однел на доусовршување во Италија и работа во компанијата со престижно име СИМЕНС. Тој е еден од ретките кој имал шанса да работи на најнапредниот робот за хирургија во светот - Da Vinci, и да има контакт со брилијантни професори и истражувачи од Италија и светот.
Мартин Василковски има завршено додипломски студии на смерот Компјутерско-Системско Инженерство и Автоматика на ФЕИТ, а магистерски студии на Control Engineering and Automation на Politecnico di Milano во Милано, Италија а од пред неколку месеци се вратил во Македонија со цел да го пренесува своето знаење на младите кадри кои се дел од академијата на Data Masters.
За многумина можеби чудна одлука но Мартин смета дека враќањето во својата земја е одлука која си ја должи себе си и на младите генерации кои допрва доаѓаат, Мартин е убеден дека Македонија има потенцијал да стане центар за BI /DS на Балканот бидејки многу се вложува во кадар и едукација
-Моја длабока желба е да го донесам и пренесам секое искуство и знаење со мене кое го имам стекнато. И длабоко сум убеден дека Македонија може да стане центар за BI /DS на Балканот. Сите знаеме колку квалитетен IT кадар излегува од Македонија. Вложувањето во академии, курсеви, па и отворањето на македонските големи фирми кои се свртени кон Data Science се клучни фактори во оваа промена. Една од причините заради која решив да се вратам е токму оваа, затоа што осетив конечно дека има некаква позитивна промена во однос на овие работи.
Иако сеуште млади си одат, но добар дел веќе решаваат и да се вратат. Многу млади отвораат фирми, влечат интернационални проекти и навистина е возбудливо да се биде дел од оваа промена.
Мартин Вели дека Овдешниот факултет за Информатички науки е одлична база и навистина има квалитетна едукација, но во Италија системот на едукација начинот и пристапот се малку поинакви...
-Сигурен сум дека факултетот во Скопје ме имаше спремено за најмалку половина од предизвиците што ме пречекаа во Италија на студиите, но начинот на кој се пристапуваше на тоа пренесување на знаење беше навистина различен. Имаше ситуација каде еден професор по динамички системи сакајќи визуелно да ни објасни како може автомобил да изгуби контрола при голема брзина, почна да ни опишува со сцени од цртанот Cars.
Неговиот избор е Автоматиката а оваа професија е нешто што од секогаш го привлекувало и му причинувало задоволство да го работи и истражува:
-Автоматиката е многу тесно поврзана со роботиката и секогаш имало потреба од machine learning, decision making, и data processing зависно од конкретната примена. Некако секогаш ме влечеле предметите поврзани со роботиката, а особено со моделирање, идентификација и симулација на системи како и статистичките анализи. Одлуката да влезам во полето на автоматиката беше навистина спонтано (во тој момент имав голема желба да студирам физика), но излезе дека е една од подобрите одлуки што ги имам направено во животот затоа што отвори еден цел спектар на интереси. Интересно е што моделирање, идентификација и анализа на податоци се во јадрото на автоматиката заедно со теоријата на системи. Додека првото дефинитивно лесно можете да го поврзете со Data Science, теоријата на системи е исто така навистина својствена за секакви обзервери, филтрирање на податоци, предикции итн. За пример, берзите се базираат на теорија на системи. Отсекогаш сметав дека најголема позитива во бирањето на автоматика како професија е што како хоби си играв со електроника и некаква паметна автоматизација на домашни уреди, па секој напредок и ново знаење добиено на работа беше само плус за моите лични хоби интереси, а и обратно. Но како што се разви ситуацијата во последните години, автоматиката и мојот професионален пат ме донесоа и до data science и machine learning, и ја направи транзицијата во новото поле да е навистина глатка.
А еве што вели за работното искуство во SIMENS
-Работното искуство во Италија е една навистина интересна работа, особено шансата да се работи во голема светска корпорација како Siemens која негува германски работни навики. Работата се базира на минимални оптимални потези. Тоа значи непрекината низа на состаноци, нацрт планови, дискусии се додека не се согласат сите од тимот дека следниот чекор е најоптимален. Ова е како нож со две острици бидејќи се губи многу време во дискусии, но сепак меѓувремено се слушаат мислења од некои брилијантни умови со големи искуства и секој момент е вреден. Тимовите во Siemens се навистина интернационални независно во која земја си, и интересно дека официјалниот јазик во фирмата (барем од мое искуство) беше англиски. Сите проекти беа дистрибуирани низ повеќе тимови низ различни земји, и шансата да се гледа како се е тоа организирано е навистина убаво животно искуство кое се надевам ќе можам да го донесам назад во Македонија. Начинот на кој се пристапува на целосно нов проект, на постоечки проект кој треба да се имплементира или подобри, know-how transfer, project handover се дел од работите за кои се развиваат различни менаџерски протоколи и за кои сум сигурен инженерите ги мразат, но навистина си има причина зошто постојат и зошто се користат. Сепак покрај сите овие искуства кои гравитираат околу професионалниот аспект од работата не може а да не се спомне дека италијаните се познати по тоа дека сакаат да уживаат во животот, а центарот на работното време е ручекот!
На прашањето како се позиционира Италија во Европа, во однос на ИТ развојот еве го мислењето на Мартин:
-Во таа насока, би спомнал уште една работа која ме изненади за Италија кога се преселив тука е на кое ниво се во светот на технологијата. Факултетот Politecnico di Milano последните години е отприлика 5ти најдобар факултет за инженерство во Европа, и секоја година има илјадници нови студенти. И ова зборуваме само за еден факултет во еден град во кој има уште барем 10 факултети. Истражувачката дејност е исто на врвно ниво, а имав шанса да го видам тоа со свои очи правејќи ја магистерската теза.
Имав шанса да работам на најнапредниот робот за хирургија во светот Da Vinci, и да имам контакт со некои брилијантни професори и истражувачи од Италија и светот. На страна од тоа, во Џенова и во Пиза се наоѓаат две од најдобрите европски лаборатории за роботика и вештачка интелигенција. Истражувачи од овие лаборатории беа врзани со првите потези за поевтинување и 3D принтање на делови за респитратори кога почна Ковид-19 кризата.
Моментално Милано непрекинато расте и еволуира, и може да се видат нон-стоп огласи за фирми како Amazon, Google, Facebook, Tesla итн. Значи не само што веќе е на високо ниво, тоа ниво нон стоп се поместува секојдневно по некој чекор нагоре. Исто така, можам да кажам дека луѓето нон стоп се дообучуваат со разни курсеви. Иако моментално се е тоа онлајн, но секогаш може да се видат реклами за различни курсеви, а и уште поважно се слуша од луѓе дека посетуваат разни курсеви за Python, Machine learning, Data science, Data visualization итн. И ова не е само за Италија, мислам дека ова поле глобално е во голем подем и е атрактивно за секој сектор од индустрија и бизнис сферата.
Во Дата Мастерс Мартин ќе биде дел од тимот предавачи на Академијата. Што би им препорачал на своите идни студенти?
-Љубопитноста е карактеристика што ја надминува “генијалноста”. Се што се учи на час е неверојатно вредно, но тој пример е веќе решен и раздлабочен. За да се навлезе повеќе во принципот на решавање мора да се најде нов проблем, да се смени пристапот минимално, да се увидат грешките, и да се најде нешто ново што не го знаеме. Само со такви логички грешки се учи, затоа што никогаш ниту еден проблем во реалниот живот нема да се решава идентично како во книга.
Лично јас имам една карактеристика која не ми дозволува да оставам нешто додека не го сфатам до јадрото на проблемот, и што и да ми беше следната задача, знаев да посветам цели денови на еден ист детаљ додека не сфатам целосно како функционира и зошто баш така е дизајнирано решението. Баш заради ова, како иден предавач, навистина би сакал да ги охрабрам идните студенти да прашуваат секоја ситница што барем малку не е јасна. Дури и да е некој час после предавањето на кое било спомнато истото.
Личниот труд вложен самостојно е незаменилив со ништо друго, и е неверојатно клучен фактор во оваа професија. Почнувајќи од искуството потребно за да се анализираат податоците, преку нивна обработка, па се до користење на еден од голема низа методи за моделирање и/или предвидување.
На крајот Мартин Заклучува дека сега е вистинско време да се вложува токму во ваквата едукација затоа што Анализата на податоци и всушност целата оваа гранка нуди огромна можност за соработка со големи компании не само на Балканот туку и во светот. А нај важото е дека работата може да се извршува од сопствената земја
-Во Големите земји постојат огромен број на фирми кои се потенцијални клиенти и се интересираат да добијат стручно мислење базирано на длабока анализа на податоци и пазарот е ширум отворен..
На Балканот мислам дека еден дел од фирмите се со резерва за вакви пристапи, но друг дел или веќе гледа правилно на иднината или полека оди во тој правец. Ова е навистина вистински момент за секој кој сака да се приклучи на овој бран, и да биде дел од иднината каде секоја проценка ќе биде математички издржана затоа што бројките не лажат!
Прочитајте повеќе за Data Masters академијата на ЛИНКОТ