Патувањето со воз од Анкара до Истанбул ќе трае 80 минути наместо претходните три часа.
Станува збор за супербрз воз како предизборно ветување на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП).
Возот ќе сообраќа на пруга долга 344 километри. Од Анкара до истанбулскиот аеродром „Сабија Гокчен“ ќе се движи со брзина од 350 километри на час, додека од овој аеродром до железничката станица Истанбул Согутлучеме ќе се движи со брзина од 200 километри на час.
Со возење на супербрз воз меѓу овие два града значително ќе се скрати времето на патување до градовите Конија, Сивас и Кајсери. Овој воз ќе сообраќа по специјално изградена пруга.
Патниците ќе можат да влегуваат и излегуваат на главните станици, вклучувајќи ги Анкара, Синџан, на аеродромот „Сабија Ѓокчен“ и Согутлучеме. Железничката траса ќе се состои од 19 вијадукти со вкупна должина од 14 километри и 52 тунели со вкупна должина од 120 километри.
Овој проект треба да се реализира преку јавно-приватно партнерство, а неговата реализација да започне по локалните избори што ќе се одржат во март следната година. Планирано е рокот за изградба на пругата да биде пет години, пишува Дејли Сабат, пренесува Кликс.