Од таму посочуваат дека се запознаени со актуелната јавна дебата за иднината на пензискиот систем и вториот пензиски столб. Во меѓувреме, Владата смета дека вториот столб не ги дал очекуваните резултати, додека Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и дел од јавноста се против евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање.
„Ова го гледаме како можност за информиран политички дијалог за прашање што директно влијае врз благосостојбата на граѓаните. Демографското стареење е долгорочен структурен предизвик со кој Северна Македонија, како и многу други земји, ќе се соочува и во наредните децении. Постои широк меѓународен консензус дека повеќестолбниот пензиски систем може да помогне во справувањето со овие предизвици“, велат од Светска банка за „Фактор“.
Според нив, ваквиот модел вообичаено комбинира три столба: социјална пензија финансирана од државниот буџет за заштита на најранливите категории, задолжителен пензиски систем заснован на придонеси и заработка (PAYG) и капитално финансиран столб со индивидуални заштеди. На тој начин се диверзифицираат изворите на приход во пензија и се намалуваат фискалните, политичките и пазарните ризици.
Од Светска банка нагласуваат дека придобивките од капитално финансираниот столб се создаваат постепено, бидејќи индивидуалните сметки треба да акумулираат средства во текот на целата работна кариера. За системот да ги даде очекуваните резултати, велат, неопходни се добро осмислени правила, квалитетно управување со инвестициите и редовно преиспитување на параметрите на пензискиот систем.
Објаснуваат дека нивниот ангажман во земјава се одвивал преку два паралелни процеси. Првиот е програма за техничка помош со која се анализираат предизвиците на финансираниот столб и се разгледуваат можни реформи, а вториот е поддршка, финансирана од Фондот на Европската Унија за фискално управување, за изработка на владин Преглед на трошењето на пензискиот систем.
Воедно потсетуваат дека нивната последна сеопфатна проценка на пензискиот систем во Северна Македонија беше објавена во 2024 година, како дел од Прегледот на јавните финансии, во кој се содржани препораки за обезбедување социјална и фискална одржливост на пензискиот систем.
Во меѓувреме, новоназначениот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски оцени дека вториот пензиски столб не ги исполнил очекувањата. Според него, првите пензионери кои годинава се пензионираат според овој модел покажуваат дека средствата што ги акумулирале не се оплодиле доволно за да обезбедат повисоки пензии.
Од ССМ, пак, остануваат на ставот дека наместо зголемување на старосната граница за пензионирање, потребно е да се развиваат модели за предвремено пензионирање, бенефициран работен стаж и пензионирање врз основа на вкупниот работен стаж.
Како аргумент го наведуваат податокот од Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025, според кој очекуваниот животен век во земјава изнесува 76,63 години.
Во моментов, условите за старосна пензија се 64 години возраст за мажи и 62 години за жени, со најмалку 15 години пензиски стаж.
