TGI Fridays пристигнува во регионот: ќе има ли ресторан и во вашиот град?
Актуелно

TGI Fridays пристигнува во регионот: ќе има ли ресторан и во вашиот град?

30. 09. 2026.

Еден од познатите американски ресторански синџири најавува влез на балканскиот пазар, а дел од плановите се однесуваат и на Македонија.

TGI Fridays ќе започне со проширување во регионот преку партнерство со Devolli Group, со договор кој предвидува отворање на вкупно 10 ресторани во Македонија, Косово и Албанија.

Devolli Group ги добил и ексклузивните права за понатамошен развој на брендот и доделување подфраншизи на овие пазари.

Сепак, засега останува непознато колку од планираните 10 ресторани ќе бидат отворени во Македонија, како и во кои градови ќе се наоѓаат и кога би ги пречекале првите гости.

„Балканот претставува една од најинтересните можности за раст во Европа“, изјави глобалниот претседател на TGI Fridays, Фил Брод, кој како причини ги посочи развиениот угостителски сектор, претприемачката енергија и културата на дружење околу масата.

Од компанијата велат дека Devolli Group е партнерот со кој сакаат да го започнат присуството во регионот, поради неговото познавање на пазарот, оперативното искуство и долгорочната визија.

TGI Fridays е познат по американскиот casual dining концепт и понудата на бургери, ребра, пилешко, предјадења и коктели.

Со најавениот договор, Македонија, Косово и Албанија стануваат првите пазари во регионот на кои брендот ќе започне организирано проширување.