Над 5.700 деца чекаат место во градинка, родители алармираат за пренатрупани групи
Актуелно

Над 5.700 деца чекаат место во градинка, родители алармираат за пренатрупани групи

30. 09. 2026.

Над 5.700 деца во Македонија се на листа на чекање за упис во градинка, додека во дел од установите родителите алармираат за пренатрупаност и недостиг на кадар.

Според Министерството за социјална политика, демографија и млади, заклучно со април 2026 година во градинките низ државата биле запишани 38.797 деца, додека вкупниот капацитет на 80-те градинки изнесувал 36.752 места. На листа на чекање имало 5.743 деца.

Најголема потреба од нови капацитети има во скопските општини Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел и Сарај.

Особено реагираат родители од Аеродром, обединети во иницијативата „Хумани и безбедни градинки – Аеродром“. Тие тврдат дека во одредени јаслени групи има и по 39 или 44 деца, иако, според нив, групите се предвидени за значително помал број деца.

Родителите бараат вонредни инспекциски надзори за безбедноста, противпожарните и евакуациските услови, како и проверки на хигиенските и епидемиолошките услови. Бараат и дополнително вработување воспитувачи и негуватели.

Од Општина Аеродром велат дека тврдењата за надминување на капацитетите за повеќе од 200 отсто не ја отсликуваат реалната состојба во целина и дека бројките треба да се разгледуваат во контекст на возраста на децата, бројот на групи, објектите и начинот на распоредување.

Од Општината признаваат дека постои реална потреба од дополнителни капацитети. Во Аеродром функционираат градинките „Срничка“ и „Буба Мара“, со по шест објекти.

Во „Срничка“, според податоците доставени од Општината на 18 септември, од предвидените 51 работно место за воспитувачи биле непополнети 9, додека кај негувателите биле непополнети 7 од предвидените 72 места.

Од Општината посочуваат и дека не сите запишани деца се присутни секој ден или во текот на целиот ден. Како пример го наведуваат 18 септември, кога во двата система на градинки биле присутни 1.704 деца, од вкупно 2.589 запишани.

Родителите, пак, бараат проблемот да се решава и краткорочно – со дополнителен кадар и користење алтернативни простори, но и долгорочно преку изградба на нови градинки и транспарентен регистар на листите на чекање.

Од Министерството најавуваат дека до крајот на 2026 година треба да бидат отворени 15 нови градинки, со капацитет за околу 1.800 деца.

Планот до крајот на 2027 година е да има вкупно 37 нови градинки, со можност за прием на околу 3.800 дополнителни деца.

Од Министерството велат дека најголема потреба од нови капацитети има токму во скопските општини каде што се градат или доградуваат нови објекти.