Во Македонија, секој жител во просек фрла околу 83 килограми храна годишно, додека според податоците на Програмата на ОН за животна средина, во земјава годишно како отпад завршуваат околу 172.000 тони храна.
Парадоксот е што во исто време околу 22 отсто од населението живее во ризик од сиромаштија. Дополнително, околу 460.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштија, а дел од нив не можат да обезбедат три оброци дневно.
На глобално ниво, проблемот е уште поголем. Во 2022 година биле фрлени околу 1,05 милијарди тони храна, од кои 60 отсто во домаќинствата, 28 отсто во угостителството и 12 отсто во трговијата. Просечно, секој човек во својот дом фрла околу 79 килограми храна годишно.
Фрлањето храна не значи само загуба на пари. Со неа се залудно потрошени и земјиште, вода, енергија и човечки труд, а храната што завршува на депониите придонесува и за емисиите на метан.
Во Македонија со години се најавува законско решение со кое безбедниот вишок храна од супермаркети, ресторани, производители и дистрибутери би можел да се донира наместо да завршува на депонија.
Предлог-законот предвидува воспоставување систем за донирање и спречување на создавањето отпад од храна, како и регистрирање на посредниците што ја дистрибуираат храната.
Искуствата од други земји покажуваат дека намалувањето на отпадот е можно. Во Велика Британија фрлањето храна во домаќинствата било намалено за 22 отсто, а во Јапонија за 53 отсто.
За домаќинствата, меѓу наједноставните мерки се купување според список, правилно чување на храната и разликување на ознаките „најдобро до“ и „да се употреби до“.
