Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната нето плата изнесува околу 46.617 денари, што ја поставува земјата на дното во споредба со државите од поранешна Југолсавија како Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија.
Во последните неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и поради одливот на работна сила во странство.
За реално да пораснат платите мора да порасне економијата. Како што велат економските експерти, траба економијата да расте со над 5 % годишно за да се види разлика. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика – продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.
Сепак, ова полека се менува. Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфатија дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван. Натамошниот пад на невработеноста ќе резултира и со раст на просечната плата.
Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за 109%.
Просечната плата во јануари 2016-та била 22.254 денари, а со последната обајава на Државниот завод за статистика, просечна плата во јануари 2026 изнесува 46.617 денари(755 евра).
И покрај континуираниот раст, Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа според висината на просечната плата.
Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 1 058 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 839 евра, во Црна Гора 1.026, во Хрватска 1.511 и во Словенија 1.654 евра месечно.
