ЌЕ РАБОТИМЕ ЕДЕН ЧАС ПОМАЛКУ ЗА ИСТА ПЛАТА, А МОЖНА Е И ТРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Милијардер најави револуција во работата
Актуелно

ЌЕ РАБОТИМЕ ЕДЕН ЧАС ПОМАЛКУ ЗА ИСТА ПЛАТА, А МОЖНА Е И ТРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Милијардер најави револуција во работата

25. 03. 2026.

Американскиот милијардер и инвеститор Марк Кјубан смета дека развојот на вештачката интелигенција ќе донесе големи промени на пазарот на трудот, вклучително и пократко работно време за вработените.

Според него, компаниите што најбрзо ќе ја прифатат оваа технологија нема да бараат повеќе работа од вработените, туку ќе ги наградуваат со повеќе слободно време.

Кјубан оценува дека со помош на таканаречените AI агенти, вработените би можеле да работат најмалку еден час помалку дневно, без намалување на платата. Овие агенти функционираат како виртуелни асистенти кои самостојно извршуваат задачи, од почеток до крај, без постојани инструкции.

Слични ставови веќе изнесоа и други технолошки лидери. Директорот на Zoom, Ерик Јуан, смета дека AI аватарите во иднина би можеле да ги преземат секојдневните задачи, што би овозможило работна недела од три до четири дена. Основачот на Microsoft, Бил Гејтс, како и првиот човек на JPMorgan, Џејми Дајмон, исто така говореа за можноста од пократка работна недела.

Кјубан не верува дека вештачката интелигенција ќе доведе до масовна невработеност. Напротив, според него, предност ќе имаат оние што први ќе научат како да ја користат технологијата.

– На крајот сите ќе имаат пристап до истите алатки, но ќе победат оние што најдобро ќе ги користат – порачува Кјубан.

Сепак, експертите предупредуваат дека AI сè уште бара човечка контрола. Истражување на компанијата Workday покажува дека речиси 40 отсто од вредноста на AI системите се губи поради дополнителни корекции и проверки од страна на вработените.

Дополнително, анализа на Harvard Business Review укажува на појава на т.н. „AI замор“, односно ментално оптоварување поради користење на повеќе алатки истовремено.

Иако потенцијалот за трансформација на работата е голем, експертите се согласни дека воведувањето пократко работно време ќе зависи од тоа колку брзо компаниите ќе се прилагодат, но и од способноста на вработените ефикасно да ја користат новата технологија.

Извор: faktor.mk