Еден корисник, кој досега не работел надвор од земјата, побара совети за тоа кои места нудат најмногу можности, кои позиции се најбарани и што е најсоодветно за почетници со искуство како келнери или шанкери.
Според дел од искуствата, Црна Гора не секогаш е најдобрата опција.
Може да се заработи, но не нешто посебно. Освен можеби во Котор или Будва, во познати локали, но и таму платите се пониски, а се работи по 10-12 часа дневно, често без слободен ден – наведува еден од корисниците, додавајќи дека Хрватска нуди подобри услови.
Се отвори и прашањето кога е најдобро да се аплицира. Дел од корисниците велат дека апликациите почнуваат уште во декември и јануари, додека други сметаат дека е доволно еден месец пред почетокот на сезоната.
Во однос на работните позиции, најбарани се келнери, готвачи, помошни готвачи, работници во кујна, хигиеничари и собарки. Потребни се и рецепционери, аниматори, продавачи и работници за одржување.
Платите варираат во зависност од позицијата:
• Келнери: 1.200 – 1.600 евра
• Бармени: 1.400 – 1.600 евра
• Рецепционери: 1.300 – 1.500 евра
• Одржување: 1.100 – 1.300 евра
• Продавачи: до 1.800 евра
Во кујната побарувачката е најголема, а и платите се повисоки:
• Готвачи: 1.800 – 2.500 евра
• Шефови на кујна: до 3.000 евра
• Пица мајстори: 1.900 – 2.500 евра
• Помошен персонал: 900 – 1.800 евра
Голема предност е што работодавачите најчесто обезбедуваат сместување и храна, што значително ги намалува трошоците. Поради тоа, многумина за една сезона успеваат да заработат меѓу 5.000 и 8.000 евра.
Сезоната обично започнува во мај, достигнува врв во јули и август, а трае до септември или октомври.
Сепак, и покрај солидните заработки, работата не е лесна. Често се работи повеќе од осум часа дневно, без слободен ден во шпицот на сезоната, а условите за сместување зависат од работодавачот.
