Покрај хартиените, учениците од прво до трето одделение првпат ќе добијат и дигитални свидетелство
Актуелно

Покрај хартиените, учениците од прво до трето одделение првпат ќе добијат и дигитални свидетелство

14. 05. 2026.

Покрај хартиените свидетелства, на крајот од тековната учебна година, учениците од прво до трето одделение за првпат ќе добијат и дигитални свидетелства.

„Оваа учебна година започнуваме со етапно воведување на дигиталните свидетелства. Тие ќе имаат идентична важност како и хартиените кои постепено ќе се заменуваат, што ќе значи олеснување на административната работа на училиштата, намалување на трошоците за печатење и онлајн достапност на документот во секое време. Продолжуваме да ја дигитализираме образовната сфера. Задоволна сум од интензитетот на овој процес, затоа што речиси сите постапки за остварување на права и услуги се поедноставени и се реализираат по електронски пат. Преостанува уште уписот во високо образование, а со воведувањето на дигиталните свидетелства, се отвара можност за остварување и на оваа цел“, изјави министерката Весна Јаневска за време на денешната посета на Македонски Телеком.

Македонски Телеком донираше електронски потписи за сите 368 основни училишта во земјава со што ќе се овозможи поедноставна, побрза и поефикасна реализација на процесот на издавање дигитални свидетелства.

„Со обезбедувањето електронски потписи за сите основни училишта, придонесуваме кон побрза, поедноставна и поефикасна дигитализација на образованието и остануваме силен партнер на институциите во создавање модерни услуги за младите генерации“, изјави Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Од МОН наведуваат дека со воведувањето на дигиталните свидетелства, учениците и нивните семејства ќе имаат полесен и побрз пристап до документите, додека училиштата ќе добијат поефикасен административен процес и трајна електронска архива.

Секое дигитално свидетелство останува во трајна електронска архива и по потреба и на барање на ученик или неговото семејство, може да биде отпечатено од страна на училиштето. Во следните години, дигиталните свидетелства постепено ќе се воведуваат и за учениците од повисоките одделенија. 

Извор: skopjeinfo.mk