„Solo Female Travelers“: Македонија е најевтината дестинација во Европа за соло патување – кафе и ручек за помалку од 10 евра
Актуелно

„Solo Female Travelers“: Македонија е најевтината дестинација во Европа за соло патување – кафе и ручек за помалку од 10 евра

14. 05. 2026.

Викенд во Македонија може да чини само 52,38 евра, додека трошоците за оброк, кафе и вода се значително пониски отколку во повеќето европски земји.

Ново истражување откри кои европски дестинации се најповолни за викенд-патувања, а трошоците за живот во нив се значително пониски отколку во остатокот од континентот.

Додека цените на авионските билети растат поради конфликтите на Блискиот Исток, патувањата стануваат сè поскапи за голем број туристи. Сепак, истражувањето на платформата „Solo Female Travelers“ откри неколку европски дестинации каде викенд-одмор може да чини многу помалку отколку што многумина очекуваат.

Истражувачите ги анализирале податоците од сајтот „Numbeo“ за 49 европски дестинации, додека од истражувањето биле изоставени Русија, Белорусија и Украина поради војната и непроверливите податоци. Исто така, не биле вклучени територии како Островот Ман, Џерси, Гернзи, Гибралтар и Фарските Острови.

Тимот потоа ги пресметал просечните дневни трошоци за соло патник преку шест категории: оброк во поволен ресторан, кафе или капучино, флаширана вода од 0,33 литри, локален превоз, билет за кино и ноќевање во еднособен апартман во центарот на градот.

Цел викенд за само 50 евра

Истражувањето покажало дека викенд во Македонија може да чини само 52,38 евра.

Скопје, главниот и најголем град во Македонија, има повеќе од 500.000 жители. Оваа балканска држава нема излез на море и граничи со Грција, Албанија, Бугарија, Косово и Србија, стои во извештајот.

Според податоците од истражувањето, оброк во поволен ресторан во Скопје чини околу 6,50 евра, капучино 1,90 евра, додека шишенце вода од 0,33 литри чини околу едно евро.

Според податоците на сајтот „World Population Review“, Македонија се наоѓа меѓу „најбезбедните земји во светот“, благодарение на ниското ниво на ризик според Глобалниот индекс на мир.

На второто место се нашла Босна и Херцеговина, каде викенд за соло патник чини околу 54,66 евра. Следуваат Молдавија со 54,93 евра и Србија, каде просечен викенд за едно лице изнесува околу 61,65 евра.

Интересно е што вкупните трошоци за сите четири најевтини дестинации речиси одговараат на цената на еден викенд во најскапата европска држава за ваков тип патување.

Оваа земја е четири пати поскапа од Македонија

Имено, Лихтенштајн е прогласен за најскапа дестинација за соло викенд-патувања, со просечен трошок од дури 222,66 евра. Тоа е повеќе од четири пати поскапо од Македонија.

Лихтенштајн за помалку од едно евро ја престигнал соседна Швајцарија, каде викенд во просек чини 221,70 евра.

Најголем трошок во Лихтенштајн претставуваат рестораните и секојдневните издатоци. Просечен оброк таму чини околу 27 евра, што е повеќе од двојно над европскиот просек од околу 15 евра.

Мар Пејџс, коосновачка на платформата „Solo Female Travelers“, изјавила:

„Лихтенштајн можеби е мала земја, но трошоците се сè освен мали. Интересно е што главната причина за високите цени не е сместувањето, туку секојдневната потрошувачка – од обичен оброк до кафе. За соло патниците кои планираат европско патување, ова истражување покажува колку разликите во трошоците меѓу европските дестинации можат да бидат огромни и колку изборот на дестинација прави голема разлика.“

Извор: tocka.com.mk