Денес е Меѓународен ден на кучињата: Најверниот пријател на човекот има свој ден
Актуелно

Денес е Меѓународен ден на кучињата: Најверниот пријател на човекот има свој ден

26. 08. 2026.

Денес, 26 август, се одбележува Меѓународниот ден на кучињата – датум посветен на едно од најстарите пријателства меѓу човекот и животните.

Денот е основан во 2004 година од Колин Пејџ, американска активистка за заштита на животните. Таа го избрала 26 август затоа што токму на тој ден, како десетгодишно девојче, го посвоила своето прво куче од засолниште.

Кучињата се сметаат за првото животно што човекот го припитомил, пред околу 10.000 години. Со текот на времето тие станале ловци, чувари, спасувачи, работни животни, но и домашни миленици.

Денес, сепак, милиони кучиња живеат без дом. Се проценува дека во светот има околу 200 милиони кучиња на улица, а само во САД годишно во засолништа завршуваат околу 3,1 милиони.

Примерот од Холандија

Холандија покажува дека проблемот може да се реши без масовна еутаназија. Земјата практично нема кучиња на улица благодарение на задолжително чипирање и регистрација, стерилизација и вакцинација, високи казни за напуштање животни и мерки што го поттикнуваат посвојувањето.

Сличен пристап има и Бутан, каде по 14-годишна програма биле стерилизирани и вакцинирани сите кучиња што слободно се движат.

Во Јужна Кореја, пак, во 2024 година беше донесена забрана за индустријата со кучешко месо, која целосно ќе стапи на сила во 2027 година.

Што се случува во Македонија?

Според ЈП Лајка, во Скопје има околу 6.000 кучиња на улица, додека околу 130.000 се регистрирани како домашни.

Како една од главните причини се посочува неодговорното сопствеништво – особено оставањето нестерилизирани кучиња и нивното потомство на улица.

Затоа се предлагаат мерки како задолжителна стерилизација и чипирање, данок за нестерилизирани кучиња, контрола на одгледувачите и повисоки казни за малтретирање животни.

Меѓународниот ден на кучињата е потсетник дека грижата не завршува со посвојувањето. Одговорното сопствеништво, стерилизацијата и чипирањето се меѓу најважните чекори за намалување на бројот на бездомни животни.

Кучето одамна е најдобар пријател на човекот. На ред е човекот да биде најдобар пријател на кучето.