Дигиталните учебници по математика и хемија, развиени од „Арс Ламина“, се бесплатно достапни за сите ученици, наставници и родители преку платформата ucebnici.mk.
За разлика од обичните електронски изданија во PDF-формат, овие учебници се креирани за учење во дигитална средина. Лекциите содржат видеа, анимации, галерии, интерактивни задачи, симулации и други дополнителни образовни материјали.
Во платформата е интегриран и LMS систем, преку кој наставниците можат да го следат напредокот на учениците, додека учениците можат да учат со свое темпо и да го следат сопствениот напредок.
Содржините се приспособени за користење на компјутер, таблет и мобилен телефон, што овозможува пристап до учебниците од различни уреди.
Од „Арс Ламина“ велат дека целта била да се создаде вистински дигитален учебник, а не само PDF-верзија на печатеното издание. Платформата претходно функционирала во тест-фаза, а од почетокот на оваа учебна година е официјално достапна за сите корисници.
Целосно дигиталните учебници по математика и хемија за деветто одделение може да се користат бесплатно преку ucebnici.mk и scivi.com.
