Скопје се поврзува со директна линија со Анкара
Актуелно

Скопје се поврзува со директна линија со Анкара

14. 06. 2026.

Македонија и Турција договорија воспоставување директна авиолинија меѓу Анкара и Скопје, која треба да придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји и полесно патување за граѓаните и бизнис-заедницата.

Информацијата ја соопшти турскиот министер за трговија Омер Болат по средбите со македонската делегација во Истанбул.

„Веруваме дека директните летови на AJet на релација Анкара–Скопје ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји“, напиша Болат.

Договорот е постигнат во рамки на разговорите меѓу владините претставници на Македонија и Турција, при што беше нагласена потребата од унапредување на економската соработка и транспортната поврзаност.

Новата авиолинија треба да овозможи побрзи и поедноставни патувања меѓу главните градови на двете земји, а од неа се очекува дополнителен поттик за развој на туризмот, бизнис-контактите и инвестициите.

Извор: skopjeinfo.mk