Скопје е град кој постојано се обновува и повторно се измислува себеси, оценува Euronews во својата репортажа посветена на македонската престолнина, објавена во пресрет на 2028 година кога градот ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата.
Авторката на текстот го опишува Скопје како „град на меѓународната солидарност“, потсетувајќи на катастрофалниот земјотрес од 1963 година, по кој помош за обновата пристигнала од 78 земји ширум светот. Токму поради тоа, Скопје го добило прекарот „град на меѓународната солидарност“, а трагите од тој период и денес се видливи во архитектурата и урбаниот развој на градот.
Во репортажата посебно место добиваат Камениот мост, Старата скопска чаршија, Плоштадот Македонија и споменикот на Александар Македонски, како и бројните објекти изградени или реконструирани во рамки на проектот „Скопје 2014“.
„Старата чаршија е несомнено една од најголемите туристички атракции во градот“, наведува Euronews, посочувајќи дека токму таму посетителите можат најдобро да ја почувствуваат историјата, културата и гастрономијата на Скопје.
Во текстот се издвојуваат и Музејот на македонската борба, Скопското кале, Меморијалниот музеј во старата железничка станица, црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези и Кањонот Матка, кој е претставен како една од најатрактивните природни дестинации во државата.
Новинарката ги препорачува и Дебар Маало, локалната кујна и македонските вина, а посебно го издвојува ресторанот „Matto Napoletano“, кој во 2024 година беше рангиран меѓу 50-те најдобри пицерии во светот.
Во пресрет на 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, Euronews оценува дека градот нуди уникатна комбинација од историја, архитектура, културно наследство и современ урбан живот, што го прави една од најинтересните дестинации на Балканот.
Авторката наведува дека при следната посета би сакала да се искачи до Милениумскиот крст на Водно, како и да го посети Охридското Езеро, кое го опишува како една од најзначајните туристички атракции во земјата.
