Според најавите од Македонски железници, прва ќе биде пуштена во употреба трасата Миладиновци – Транспортен центар Скопје. Возот ќе сообраќа преку Илинден и Маџари, а патувањето од почетната до крајната станица ќе трае околу 18 минути.
Директорот за патнички сообраќај при Македонски железници, Горанчо Јовановски, информира дека во утринските и попладневните часови, кога се очекува најголема фреквенција на патници, возовите ќе сообраќаат на секои 15 минути, додека во останатиот дел од денот интервалот ќе биде околу 40 минути.
Предвидени се вкупно 18 линии дневно во двата правци. Во периодите со најголема побарувачка ќе бидат ангажирани два воза, додека во останатиот дел од денот ќе сообраќа еден воз.
Проектот „Градски воз“ предвидува воспоставување на три железнички линии во Скопскиот регион. Покрај трасата Миладиновци – Транспортен центар, планирани се и линиите Зелениково – Транспортен центар и Железничка станица Скопје – Волково.
Од ЈП „Железници Инфраструктура“ информираат дека трасата Зелениково – Скопје е во завршна фаза на реализација и е завршена повеќе од 90 проценти, додека целосното заокружување на проектот со сите три линии се очекува до крајот на 2027 година.
Градскиот воз ќе ги користи постојните железнички станици и постојки, а според претходните најави, во иднина е можно да бидат изградени и дополнителни станици на локации каде што ќе се покаже потреба од поголема достапност за патниците.
Цената на билетот сè уште не е утврдена и ќе биде дефинирана во координација со Град Скопје и Министерството за транспорт.
Од Македонски железници оценуваат дека проектот ќе понуди побрз, побезбеден и покапацитетен јавен превоз, особено за жителите на приградските населби и општини кои секојдневно патуваат кон Скопје.
