Ако во првата анализа бројките покажаа дека оваа индустрија во 2025 година направила поголем промет, но помала добивка, втората анализа ја отвора другата страна на приказната – колку луѓе работат во најголемите компании и колкави плати исплаќаат производителите што го предводат кондиторскиот пазар.
Анализата на порталот Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека кај најголемите компании по број на вработени има концентрација околу неколку силни индустриски центри: Прилеп, Виница, Скопје, Ресен, Свети Николе, Битола и Штип.
Но, платите не го следат секогаш редоследот на големината. Најголемиот работодавач не е компанијата со највисока просечна плата. Најпрофитабилната компанија не исплаќа највисока плата. Дел од компаниите со мал број вработени влегуваат високо на листата по просечни примања.
Најбројни во кондиторската индустрија се вработените во Витаминка, која покрај за домашниот пазар извезува во уште 30 земји, вклучувајќи ја и Јапонија. Највисоки плати, пак, имаат работниците во Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион, фирма што има сертифицирано производство на протеински и кондиторски плочки без додаден шеќер.
НАЈГОЛЕМИТЕ ФАБРИКИ ВРАБОТУВААТ СТОТИЦИ ЛУЃЕ
Најголем работодавач во кондиторската индустрија е Витаминка од Прилеп, со 641 вработен во 2025 година. Компанијата и понатаму е убедливо најголем производител според бројот на луѓе што ги ангажира, иако бројот на вработени е намален во однос на 2024 година, кога изнесувал 663 лица. Тоа е пад од 3,32 насто. Витаминка истовремено е прва по приход во кондиторската индустрија со приход од 77,3 милиони евра.
Втора по број на вработени е Макпрогрес од Виница, со 504 вработени во 2025 година. Компанијата има мал раст од 0,80 насто, односно четворица вработени повеќе од претходната година.
На третото место според бројот на вработени е Европа-Скопје, со 374 вработени, што е благ раст од 1,08 насто во однос на 2024 година, кога имала 370 вработени.
Четврта е Свислион-Агроплод од Ресен, со 346 вработени во 2025 година. Кај оваа компанија има пад од 5,46 насто, односно во 2024 година имала 366 вработени.
Лион од Свети Николе има 171 вработен, што е пад од 1,72 насто.
Во првата десетка по број на вработени се и Лутхман Бацклунд Фоодс Продуцтион од Битола со 118 вработени, Европа ДООЕЛ Штип со 79, Стел Импекс од Штип со 56, Европак 2012 со 23 и Еврокекс од Битола со 20 вработени.
Гледано кај првите десет компании, бројот на вработени во 2025 година изнесувал 2.332 лица, наспроти 2.380 лица во 2024 година. Тоа значи дека кај најголемите работодавачи има намалување од 48 лица, односно пад од околу 2 насто.
Целата анализа прочитајте на: pari.com.mk
