Реформите што претходно добија поддршка од Европскиот парламент, треба да почнат да се применуваат во средината на 2027 година и ќе донесат дополнителни права за семејствата што патуваат, патниците со попреченост и лицата со намалена подвижност.
Според новите прописи, децата под 14 години ќе имаат право да бидат сместени до нивните родители во авионот, без дополнителни трошоци за избор или резервација на седиште. Ова право ќе важи и за трудниците, како и за патниците со намалена подвижност кои патуваат во придружба.
Авиопревозниците ќе бидат обврзани бесплатно да ги коригираат печатните и правописни грешки во имињата на патниците наведени на билетите. Исто така, нема да смеат да наплаќаат такса за печатење на борд-карти за регистрираните патници. Новата регулатива има за цел да ја засили заштитата на патниците и попрецизно да ги утврди обврските на авиокомпаниите во рамките на воздушниот транспорт во ЕУ.
Во однос на надоместоците за патниците при одложување или откажување на летови, постојните правила ќе останат во голема мера непроменети, и покрај повеќегодишните несогласувања помеѓу земјите-членки и Европскиот парламент во врска со измените на овој аспект од регулативата.
